Zafer Fatih Beyaz
30 Септември 2020•Ажурирај: 01 Октомври 2020
АНКАРА (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, истакна дека епидемијата на Ковид-19 не е само здравствен проблем, туку е и една од рефлексиите на деградацијата во екосистемот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот Ердоган преку видео порака се обрати на Самитот за биолошка разновидност организиран во рамките на 75. Генерално собрание на Обединетите нации (ОН).
Нагласувајќи дека човештвото минува низ тежок период од глобални размери, Ердоган рече дека од една страна светот се бори со епидемијата на коронавирусот, како најголема здравствена криза на векот, а од друга страна со управувањето на негативните ефекти од епидемијата.
„Епидемијата на Ковид-19 не е само здравствен проблем, туку е и една од рефлексиите на деградацијата во екосистемот“, порача турскиот претседател.
Тој рече дека епидемијата е показател дека треба да се зачува биолошката разновидност изразувајќи уверување дека човештвото ќе ги научи потребните лекции по епидемијата, заедно со лекциите за економска и социјална правда.
Истакнувајќи дека Турција се наоѓа во три различни климатски зони и три биогеографски области, Ердоган рече дека Турција не се наоѓа само на пресекот на континентите и културите, туку и на климатските услови.
Турскиот претседател потенцираше дека направени се значителни инвестиции за подобрување на биодиверзитетот и заштитата на животната средина.
„Ние сме во првите редови во борбата против климатските промени, иако имаме мала или никаква историска одговорност.“