Турција

Ердоган го одбележа Светскиот ден на хуманитарноста, ги нагласи итните хуманитарни проблеми, цврстиот сојуз со Шпанија

- „Денес суровата реалност со која се соочуваме на Светскиот ден на хуманитарноста е дека повеќе од 300 милиони луѓе немаат пристап до најосновните хуманитарни потреби“, напиша Ердоган.

Efe Özkan  | 19.08.2025 - Обновена : 19.08.2025
Ердоган го одбележа Светскиот ден на хуманитарноста, ги нагласи итните хуманитарни проблеми, цврстиот сојуз со Шпанија

ИСТАНБУЛ (АА) – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес го одбележа Светскиот ден на хуманитарноста со колумна во шпанскиот дневен весник „Ел Паис“, во која ја истакна хуманитарната дипломатија на Турција и нејзиното цврсто сојузништво со Шпанија, јавува Анадолу.

Во текстот со наслов „Сочувство без граници: Алијансата на цивилизациите и хуманитарната дипломатија“, Ердоган укажа на глобалните хуманитарни кризи, мобилизацијата на Турција за справување со нив и заедничките цели со Шпанија.

„Денес суровата реалност со која се соочуваме на Светскиот ден на хуманитарноста е дека повеќе од 300 милиони луѓе немаат пристап до најосновните хуманитарни потреби. Тоа е вистина што ја вознемирува совеста на човештвото и го повикува целиот свет да дејствува со одговорност“, напиша Ердоган.

Тој истакна дека Турција досега обезбедила повеќе од 101.000 тони хуманитарна помош за Газа и спровела хуманитарна мобилизација во вредност од над 40 милиони долари во поддршка на Агенцијата на ОН за палестинските бегалци (УНРВА).

Истакнувајќи дека хуманитарната помош претставува најнапредна форма на дипломатија, која произлегува од длабоко чувство на емпатија и човечност, Ердоган нагласи дека Турција и Шпанија настапуваат обединето во справувањето со хуманитарните прашања „како две пријателски нации и цврсти сојузници“.

„Духот на солидарност ги обединува двата народа во длабока врска што ги надминува географските граници. Нашето цврсто уверување е дека преку соработка во согласност со овие заеднички принципи ќе изградиме поправеден свет што се темели врз човечноста и нејзините вредности“, наведе тој.

Турскиот претседател, исто така, ја пофали искрената поддршка на Шпанија за процесот на пристапување на Турција во ЕУ и по повод 20-годишнината од Алијансата на цивилизациите - иницијатива на ОН потпишана од Ердоган и тогашниот шпански премиер Хозе Луис Родригез Сапатеро - велејќи:

„Нашето признавање на различноста како извор на богатство, а не како конфликт, нуди порака на надеж и солидарност до угнетените луѓе во ова време на глобална криза.“

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.