Emin Avundukluoğlu
26 Ноември 2019•Ажурирај: 27 Ноември 2019
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги повика граѓаните во трансакциите да ја користат турската лира наместо американскиот долар, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Да не користиме долари. Да се свртиме кон турската лира“, изјави Ердоган пред состанокот на парламентарната група на владејачката Партија за правда и развој (АK Parti). „Да им го покажеме нашиот национализам“, порача тој.
Ердоган изјави дека оние кои веруваат и инвестираат во Турција ќе продолжат да победуваат.
Турската статистичка служба објави дека стапката на инфлација на земјата во октомври изнесувала 8,55 отсто, што е намалување од 9,26 отсто колку што изнесуваше во септември.
Во рамките на новата економска програма објавена во септември, целта на стапката на инфлација на Турција за оваа година изнесува 15,9 отсто, 9,8 отсто за наредната година и 6,0 отсто за 2021 година.
Турскиот претседател го разјасни националниот план во секторот за одбрана.
„Покрај канистерите за бомби што се произведуваат за нашите F-16 и беспилотните летала, наскоро ќе започне нова инвестиција во приватниот сектор, која има за цел да прави експлозиви во нашата земја“, рече Ердоган.
„Па така, освен нашето оружје воздух-копно, и нашето оружје воздух-воздух ќе биде национално и домашно“, додаде тој.
Ердоган нагласи дека Турција планира да произведе свој национален воен авион за 5-6 години.
Турската одбранбена и авијациска индустрија се очекува да го собори својот извозен рекорд до крајот на оваа година.
Одбранбената и авијациската индустрија ги остави зад себе останатите сектори со своите 10-месечни перформанси во извозот вреден 2,14 милијарди американски долари.
Извозот на секторот се зголеми за 38 отсто од претходната година, во периодот јануари - октомври.