Mümin Altaş
29 Ноември 2021•Ажурирај: 30 Ноември 2021
АНКАРА
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, денес најави дека во февруари 2022 година ќе престојува во повторна посета на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), и дека со таа земја ќе направи силни исчекори, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган одговараше на прашањата на новинарите во авионот по враќањето од посетата на Туркменистан, а во таа прилика зборуваше за актуелната ситуација и движењето на курсот на турската лира.
„Проблемите со поскапувањето предизвикани од движењето на курсот, што нема економска основа, ќе ги решиме во корист на нашата нација низ инвестирање, вработување и производство“, порача Ердоган.
Тој истакна дека никогаш не заговарал ниту некогаш ќе заговара зголемување на каматите. На таа тема нема да прави отстапки.
„Спремни сме да пружиме поддршка на оние кои инвестираат, особено на јавните банки. Битно е само да инвестирате, да ги зголемувате инвестициите и да добиваме нови работни места“, рече Ердоган.
Зборувајќи за односите со Обединетите Арапски Емирати, Ердоган ја најави скорешната посета на таа земја.
„Во февруари патувам во повторна посета на ОАЕ. Одам со голема делегација и ќе направиме некои силни исчекори“, рече Ердоган и додаде:
„Ни понудија план со инвестиции од 10 милијарди долари и со имплементација ќе градиме поинаква и поубава иднина.“
На прашање за односот на Турција со Египет и Израел, тој одговори:
„Како што е направен чекорот помеѓу Турција и ОАЕ, слични чекори ќе направиме и со останатите.“
Ердоган беше прашан и каква е перспективата на Турција во контекст на растечката напнатост на границата на Украина, каде што се наоѓаат, според медиумските наводи, 100.000 руски војници, на што одговори:
„Овде нашиот став е јасен. Се залагаме за доминација на мирот во регионот, посебно за пристапот што се однесува на кримските Турци. Со пријателска Русија, а посебно со господинот Путин, разговаравме во неколку наврати и разговаравме за овие прашања. Нашата желба е овој регион да не стане регион во кој доминира војната, туку во иднината да биде регион во кој доминира мирот.“