Ferdi Türkten
04 Ноември 2020•Ажурирај: 04 Ноември 2020
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека во земјотресот што минатата недела го погоди Егејскиот регион, во Турција животот го изгубија 110 лица, јавува Агенција Анадолија (AA).
„Бројот на повредени е 1.027, од кои отпуштени [од болница] се 883. Во спасувачките акции од под урнатините спасени се 107 лица“, рече Ердоган по состанокот на Кабинетот, додавајќи дека акциите за спасување продолжуваат.
„Нема да губиме надеж сè додека од под урнатините не го извлечеме последниот човек“, рече Ердоган, напоменувајќи дека се одвоени дополнителни финансиски средства за спасувачките операции на терен.
Истакна дека властите ќе обезбедат финансиска помош за граѓаните кои останаа без домови и мебел во земјотресот, додавајќи дека финансиска помош ќе добијат и занаетчиите чии работни места се уништени или тешко оштетени во земјотресот.
„Целта ни е да обновиме 1,5 милиони домови во наредните пет години“, рече Ердоган и нагласи дека отплатата на долгот на занаетчиите и бизнисмените погодени од земјотресот ќе се одложи за една година, без камата.
„Во рок од еден месец планираме да започнеме со изградба на домовите срушени во земјотресот“, додаде турскиот претседател.
По земјотресот со јачина од 6,6 степени што го погоди Измир беа регистрирани 1.562 потреси на тлото, од кои 44 посилни од четири степени.
Турција е меѓу сеизмички најактивните зони во светот, а во текот на своето минато беше сведок на неколку разорни земјотреси, вклучително и оној со јачина од 7,6 степени според Рихтеровата скала што го погоди регионот Мармара (Мраморниот Регион) во 1999 година.