Meltem Bulur
19 Јануари 2017•Ажурирај: 19 Јануари 2017
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган наредната недела ќе ги посети африканските земји Танзанија, Мозамбик и Мадагаскар, а планирано е во таа пригода да разговара со африканските официјални лица и околу преземањето контрола над образовните институции што дејствуваат во овие земји, а се поврзани со терористичката организација ФЕТО, јавува Anadolu Agency (AA).
Џем Зорлу, претседател на Управниот одбор на фондацијата „Маариф“, која е овластена да го води процесот на преземање контрола над образовните институции блиски до ФЕТО, во разговор за АА изјави дека посетата на африканските земји го олеснува овој процес.
Тој потсети дека фондацијата „Маариф“ е основана со посебен закон на турскиот Парламент и дека таа, особено по предавничкиот обид за државен удар на 15 јули во Турција, води борба за преземање контрола над образовните институции поврзани со терористичката организација ФЕТО, одговорна за обидот за пуч.
„Досега е преземена контролата над училиштата на ФЕТО во Гвинеја, Сомалија, Џарабулус во Сирија и во Нигер. Потпишани се и меморандуми на тој план со Чад, Судан, Сенегал, Габон, Мавританија и со Буркина Фасо“, изјави Зорлу.
Тој истакна и дека за време на посетата на претседателот Ердоган на африканските земји Танзанија, Мозамбик и Мадагаскар, ќе биде олеснет процесот на презмање контрола над институциите на ФЕТО што дејствуваат во овие земји.
„За време на посетите на овие земји, планирани за наредната недела, ќе бидат остварени контакти со официјалните лица и на тој план. Фондацијата ‘Маариф’ гарантира дека образованието во овие училишта ќе продолжи во многу квалитетни услови. Сметаме и дека новите просветни работници од Турција, но и од тие земји ќе бидат едно освежување во образовниот систем“, порача Зорлу.
Тој нагласи дека, секако, целта е со преземањето контрола над институциите на ФЕТО да се спречи нанесувањето штета на учениците што ја следат наставата во тие училишта, и да се понуди квалитетно образование.