Burak Bir
03 Декември 2020•Ажурирај: 04 Декември 2020
АНКАРА (АА) - Денес во Анкара отворена е новата концертна сала на Претседателскиот симфониски оркестар на Република Турција, јавува Агенција Анадолија (AA).
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган обраќајќи се на свеченото отворање рече дека новата зграда на Претседателскиот симфониски оркестар ќе биде симбол на богатата култура и уметност на земјата.
„За време на нашиот мандат, Турција се ослободи од оковите не само во политиката, економијата и одбраната, туку и во културата, уметноста, музиката и книжевноста“, рече Ердоган.
Додаде дека новата концертна сала ќе биде симбол на главниот град.
Салата се наоѓа во срцето на градот, со поглед на дворецот Анкара и мавзолејот Аниткабир.
Трошоците на проектот изнесуваа околу 83 милиони евра. Воедно, салата ќе биде домаќин на најистакнатите оркестри и солисти од сите делови на светот.
Посетителите ќе можат да уживаат во концерти на класична музика, но и други жанрови.
Светски познатата сопранистка Ангела Георгиу и сестрите и пијанистки Гухер и Сухер Пекинел ќе одржат концерти во четврток и петок.
Во сабота ќе настапи светски познатата пијанистка Идил Бирет.
Бушра Кајикчи, една од најмладите претставници на неокласичната музика во Турција, ќе одржи рецитал на 5 декември.
Продажбата на билетите за концертната сезона 2020-2021 веќе започна.
Билетите за прва категорија ќе изнесуваат 100 лири (12,85 долари), 70 лири (8,99 долари) за втората категорија и 50 лири (6,42 долари) за третата категорија.
Темелите на салата беа поставени пред 23 години, но нејзината изградба не можеше да се заврши со години. Со иницијативата на претседателот Реџеп Таип Ердоган и со интензивната работа на министерот за култура и туризам, Мехмет Нури Ерсој, зградата на Претседателскиот симфониски оркестар (CSO) го доживеа своето отворање.