Çiğdem Alyanak
25 Март 2019•Ажурирај: 25 Март 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека не е невозможно Аја Софија да престане да биде музеј во кој се наплаќа влез, и да стане џамија во која влезот е слободен, пренесува Anadolu Agency (AA).
Турскиот претседател беше гостин во специјалната предизборна програма на телевизиите ТРГТ Хабер (TRGT Haber) и Бејаз (Beyaz), каде што говореше за предизборни теми, за актуелната ситуација во Турција, но и за случувањата во остатокот од светот.
На прашањето дали турските државјани ќе можат бесплатно да ја посетуваат Аја Софија, Ердоган рече дека тоа воопшто не е лош предлог.
„Не е невозможно... Дури можеме да смениме таа веќе да не биде музеј, туку да биде џамија. Туристите доаѓаат и бесплатно ги посетуваат Султанахмет, Сулејманије, Фатиховата џамија, така би можеле да ја посетуваат и Аја Софија. Би го изгубила статусот на музеј кој и онака е дополнителн„ доделен“, порача Ердоган.
Тој се осврна и на терористичкиот напад што се случи на 15 март во Нов Зеланд, во кој во две џамии беа убиени 50 лица.
„Терористичкиот напад на џамиите во Нов Зеланд не беше чин на поединец, туку на организиран терористички чин“, рече Ердоган и ја нагласи важноста на борбата против сите видови на тероризам во светот.
Тој, исто така, ги пофали жителите на Нов Зеланд и додаде дека тие им оддадоа почит на жртвите, го осудија терористичкото злосторство и му ја покажаа на целиот свет лекцијата за хуманост и солидарност.
Запрашан за коментар во врска со неодамнешната најава на американскиот претседател Доналд Трамп за признавање на израелскиот суверенитет врз Голанската Висорамнина, Ердоган рече дека за статусот на тој регион постојат јасни одлуки на Обединетите нации и дека израелските тврдења немаат никаква основа.
„И Европската Унија така се изјасни, а разговарав и со францускиот претседател Макрон, и тој мисли исто. Ќе разговарам со Трамп наскоро, и сето тоа директно ќе му го кажам“, рече Ердоган.
Турскиот претседател нагласи дека тука станува збор за голема грешка што ја прави Трамп, бидејќи во екот на изборната кампања во Израел на послужавник ја сервира Голанската Висорамнина, како подарок за владата на Нетанјаху.
„Нетанјаху тоа веднаш го користи во кампањата, а следната недела оди во САД. Ние тоа го нарекуваме пријателство на империјализмот и ционизмот. Тоа пријателство е закана за мирот и безбедноста во регионот и во светот. Предавството на човештвото е водење политика на крв и окупација“, рече Ердоган.
Истакнувајќи дека планот на Трамп за Голанската Висорамнина нема шанси ниту во Советот за безбедност, бидејќи таму ставот на Русија е јасен, Ердоган рече дека се чини оти Трамп веќе ги купува симпатиите на Евреите пред претстојните избори во САД.
Ердоган ја коментираше и ситуацијата во северниот дел на Сирија и порача дека турските сили се подготвени и источниот брег на реката Еуфрат да го расчистат од терористичката организација ПКК и нејзините сириски ограноци.
„Операцијата има исклучително само една цел, тоа е борбата против тероризмот. Ние ја продолжуваме борбата против тероризмот до конечната победа. Не сме само ние против терористичките злосторства. И Курдите, Арапите и Туркмените се против злосторствата кои ги прават терористите на ПКК, ЈПГ и ПЈД. Доколку тоа биде потребно, нашата војска одненадеж ќе се појави таму“, рече Ердоган.