Sarp Özer
23 Јули 2022•Ажурирај: 28 Јули 2022
АНКАРА (АА) - Договорот што беше потпишан вчера во Истанбул ќе обезбеди безбеден премин на жито и храна преку трите украински црноморски пристаништа Одеса, Черноморски и Јужни, јавува Агенција Анадолија (АА).
Со посредство на Туркије и Обединетите нации (ОН), Украина и Русија потпишаа договор за продолжување на испораките блокирани со почетокот на руско-украинската војна, која сега е во својот петти месец.
Според договорот, кој е важен чекор во решавањето на глобалната криза со храна, во Истанбул ќе се формира координативен центар што ќе спроведува заеднички инспекции на влезот и излезот од пристаништата и ќе ја осигурува безбедноста на рутите.
Договорот беше потпишан откако претходно беше постигнат општ договор меѓу страните за планот предводен од ОН за време на преговорите во Истанбул на 13 јули.
Паузата во извозот на жито и друга храна поради блокираните бродови во украинските пристаништа го зголеми ризикот од светска криза со храна.
Повеќе од 25 милиони тони жито чекаат да бидат извезени во странство од украинските пристаништа.
Пофалена за нејзината улога на посредник на меѓународно ниво, Туркије се координираше со Москва и Киев за отворање коридор од украинскиот пристаништен град Одеса за да се продолжи со испораките на жито кон светот.
Во март Туркије беше домаќин на состанокот меѓу министрите за надворешни работи на Русија и Украина во медитеранскиот град Анталија, дел од нејзината клучна улога во посредувањата меѓу завојуваните страни.