Müslüm Etgü,Suat Öztürk
12 Февруари 2023•Ажурирај: 13 Февруари 2023
АДИЈАМАН (АА) - Две сестри се спасени во турскиот град Адијаман, во областа Кахраманмараш, 152 часа по земјотресите што во понеделникот ги потресоа јужните делови на Туркије, известува Анадолу.
Припадниците на спасувачките екипи прво од урнатините жива ја извлекоа 22-годишната Рабија Кирмизи, а половина час подоцна и нејзината сестра, 28-годишната Елиф.
По првата медицинска интервенција, сестрите со возило на Итната помош се префрлени во болница.
Бројката на загинати во земјотресот на југот од Туркије се зголеми на 24.617, соопшти потпретседателот на оваа земја, Фуат Октај.
- Разорните земјотреси што ја потресоа Туркије на 6 февруари
Два разорни земјотреси, првиот со интензитет од 7,7 степени по Рихтер, во понеделникот наутро во 4:17 часот по локално време, со епицентар во округот Пазарџик, и вториот во 13:24 часот, со интензитет од 7,6 степени по Рихтер, со епицентар во местото Елбистан, ги потресоа јужните делови на Туркије. Епицентрите на земјотресите се регистрирани во турската област Кахраманмараш.
Бројни спасувачки екипи сè уште ревносно работат на пребарување и спасување на луѓето затрупани во урнатините на зградите.
Во овие земјотреси што силно ги потресоа и северните делови на Сирија, животот го загубија повеќе од 3.500 лица, а над 5.200 се повредени.