Турција

Две години од процесот за екстрадиција на водачот на ФЕТО, Фетула Ѓулен

Барање за екстрадиција на Ѓулен до САД, по обидот за пуч во Турција, најпрво е упатено од турското Министерство за правда, на 19 јули 2016 година, односно четири дена по неуспешниот обид за пуч во земјата

Kemal Karadağ  | 20.07.2018 - Обновена : 21.07.2018
Две години од процесот за екстрадиција на водачот на ФЕТО, Фетула Ѓулен

Ankara

АНКАРА (АА) - КЕМАЛ КАРАДАГ -

Пред повеќе од две години, поточно на 15 јули 2016 година, припадниците на терористичката организација ФЕТО, предводени од Фетула Ѓулен, се обидоа да извршат пуч во Турција. Само четири дена потоа, Турција испрати барање до Соединетите Американски Држави (САД) да го екстрадираат водачот на ФЕТО. И покрај преговорите што на највисоки нивоа беа спроведени последниве две години, Турција сè уште не доби конкретен одговор од САД во врска со екстрадицијата на Ѓулен, пишува Anadolu Agency (AA).

Според информациите на новинарот на АА, барањето за екстрадиција на Ѓулен до САД, по обидот за пуч во Турција, најпрво е упатено од турското Министерство за правда, на 19 јули 2016 година, односно четири дена по обидот за пуч. Министерството за правда тогаш до САД испрати четири посебни досиеја со барање за итно апсење и екстрадиција на водачот на ФЕТО, Фетула Ѓулен.

Барање до САД за екстрадиција на Ѓулен потоа испрати и Генералната канцеларија на Министерството за правда, односно, Дирекцијата за меѓународно право и надворешни односи.

Министерството за правда на САД, во своето повратно писмо, испратено на 7 август 2016 година, во врска со барањето за екстрадирање на Ѓулен, предложи во САД да дојде турска делегација или делегација од САД да отиде во Турција, по што беше договорено американска делегација да ја посети Анкара.

- Состанокот со американската делегација траеше 17 часа -

Делегација од четири члена, тројца од американското Министерство за правда и еден од Министерството за надворешни работи пристигнаа во Анкара, и на 22 и 23 август учествуваа во преговорите со официјални лица од Дирекцијата за меѓународно право и надворешни односи при турското Министерство за правда.

За време на дводневните преговори, претставниците од турското Министерство, на делегацијата на САД ѝ дадоа информации за четири одделни досиеја за екстрадиција на Ѓулен. Покрај тоа, тие со американските официјални претставници поделија значителни докази дека обидот за државен удар во Турција е спроведен под наредба на Ѓулен.

Преговорите помеѓу турските и американските официјални лица за екстрадицијата на Ѓулен, првиот ден траеја 9, а вториот ден, 8 часа.

Откако се појавија други докази дека ФЕТО стои зад обидот за државен удар, на 10 септември 2016 година, Министерството за правда на Турција испрати официјално барање до Министерството за правда на САД за привремено апсење на Ѓулен, за кого е нагласено дека е главниот налогодавач за обидот за државен удар во Турција.

Тогаш е подвлечено дека Ѓулен, кој престојува во американската сојузна држава Пенсилванија, стои зад неуспешниот обид за воен удар на 15 јули, како и зад формирањето паралелни структури, со цел рушење на уставниот поредок и соборување на демократски избраната турска власт.

Тогашниот министер за правда на Република Турција, Бекир Боздаг, во два наврата престојуваше во Вашингтон, а за време на состанокот со американската министерка за правда, Лорета Линч, тој ги сподели информациите за ФЕТО, терористичката организација која стои зад обидот за државен удар, и повторно побара апсење и екстрадиција на Ѓулен.

- Доказ за патувањето на Оксуз во САД непосредно пред обидот за пуч -

Турција во наредниот период продолжи да проследува нови докази до американските институции за обидот за државен удар, така што се поделени информации за Адил Оксуз, едно од клучните имиња на пучот на ФЕТО, познат како „имам на ФЕТО во воздухопловните сили“. Оксуз се смета за десна рака на Фетула Ѓулен и втор човек во терористичката организација.

На американските институции им се доставени докази за посетата на Оксуз во САД пред обидот за државен удар на 15 јули, заедно со припадникот на ФЕТО, Кемал Батмаз. Меѓу доказите кои се доставени се и изјавите на сведоците со кодните имиња „Kузгун“ и „Шапка“, кои потврдуваат дека Oксуз патувал во САД за да му го претстави на Ѓулен планот за државен удар, кој подоцна беше изведен според наредба на Ѓулен.

Министерот за правда на Република Турција, Бекир Боздаг, во февруари 2017 година испрати писмо до министерот за правда на Соединетите Американски Држави (САД), Џеф Сешнс, кој беше назначен за министер за правда во администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп, порачувајќи му дека турскиот народ очекува екстрадиција на водачот на терористичката организација ФЕТО, Фетула Ѓулен. Боздаг, во средината на март 2017 година, телефонски разговараше со Сешнс, и притоа ја истакна важноста на екстрадицијата на Ѓулен во Турција.

Боздаг повторно заминува во посета на Вашингтон, во пресрет на посетата на турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган во САД, на 16 и 17 мај. За време на состанокот со Џеф Сешнс, тие разговараа за екстрадицијата на Ѓулен. Боздаг и Сешнс се согласија да продолжат да работат на ова прашање.

Екстрадицијата на Ѓулен беше една од главните теми на разговорите помеѓу турскиот претседател Eрдоган и американскиот претседател Трамп, за време на посетата на Ердоган на Вашингтон.

- Средба Јилдирим - Пенс -

Тогашниот турски премиер Бинали Јилдирим и американскиот потпретседател Мајк Пенс се сретнаа во февруари 2017 година во Минхен, каде што се одржа 53. Минхенска безбедносна конференција.

Јилдирим тогаш ја пренесе подготвеноста на Турција за соработка со новата американска администрација во борбата против терористичката организација ФЕТО и екстрадирањето на нејзиниот водач Фетула Ѓулен во Турција. Јилдирим рече дека Турција и САД треба да работат заедно за да се борат против радикалните организации како што се ДЕАШ и ФЕТО.

Пенс истакна дека новата американска администрација им придава големо значење на односите со Турција. Тој посочи дека САД се подготвени понатаму да го зајакнат дијалогот со Турција во сите области, вклучително и во борбата против тероризмот, како и во регионалната соработка.

- Министерот за правда, Ѓул, го обнови барањето за екстрадиција -

Новоименуваниот министер за правда на Турција, Aбдулхамит Ѓул, продолжи со испраќање на барањата до САД за екстрадиција на Ѓулен, во чии рамки до американските институции беа испраќани и нови докази за ФЕТО.

Последното барање за екстрадиција на Ѓулен е испратено на 3 ноември 2017 година, а во седмото досие кое беше испратено до САД, вклучени се и докази во врска со обидот за атентат врз претседателот на Турција, Ердоган, во периодот кога беше извршен обидот за државен удар.

Министерот за правда на Турција, Ѓул, четири дена подоцна оствари телефонски разговор со својот американски колега Сешнс, при што, разговараа за екстрадицијата на Ѓулен. Екстрадицијата на водачот на ФЕТО беше побарана и преку писмото испратено до Сешнс на 15 декември 2017 година.

Најновите докази кои Министерството за правда на Турција ги испрати до САД се оние од разговорот на водачот на ФЕТО, со еден од челните луѓе на терористичката организација, Хакан Чичек. 

Американската делегација на 13 јули оваа година, престојуваше во Анкара, по повод состанокот на работната група меѓу двете земји, и во оваа пригода, исто така е разговарано за екстрадицијата на Ѓулен.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.