Kübra Kara
12 Јули 2022•Ажурирај: 15 Јули 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - На „Мостот на шехидите од 15 јули“ во Истанбул завиори знамето на Република Туркије по повод претстојниот Ден на демократијата и националното единство, што се одбележува на 15 јули, јавува Агенција Анадолија (АА).
Знамето го поставија претставници на Здружението „15-ти Јули“ и на Канцеларијата на гувернерот на Истанбул, а покрај знамето беа закачени два транспаренти со натпис „За љубов кон Туркије“ и „За љубов кон татковината, народот“.
Туркије го одбележува Денот на демократијата и националното единство по повод годишнината од обидот за воен удар на терористичката организација ФЕТО ноќта на 15 јули 2016 година.

Претседателот на Здружението „15 Јули“, Исмаил Хаки Турунч, изјави дека ноќта на предавничкиот обид за пуч луѓето дошле на мостот од љубов кон државата и знамето и храбро се спротивставиле на пучистите.
„Се наоѓаме на „Мостот на шехидите од 15 јули“ и на местото каде што се соочија предавниците од едната и хероите од другата страна. И покрај оружјето и секаквите можности што ги имаа предавниците, овде се насобраа луѓето со верба во градите и љубов кон државата во срцето. Имаше луѓе од сите возрасни групи. Херојски тргнаа против бомбите и оружјето во рацете на пучистите. Тука е напишан херојски еп. Поминаа шест години, но генерациите што доаѓаат по нас нема да ги заборават овие херои. Секогаш ќе ги паметиме и цениме“, изјави Турунч.
На поставувањето на знамето и транспарентите на мостот што ги поврзува европскиот и азискиот дел на Истанбул присуствуваше заменик-гувернерот на Истанбул, Озлем Боскурт Ѓеврек, како и претставници на шехидските семејства и преживеани од предавничкиот обид за пуч.

Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за државен удар во Туркије ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), чие испорачување Туркије официјално го побара од САД.
Припадниците на терористичката организација со години, преку местење на испитите, напредуваа во службата инфилтрирајќи се во институциите на државата. Потоа, прво во декември 2013 година, поддржувачите на ФЕТО во правосудството во Туркије се обидоа преку монтиран процес за наводна корупција да процесуираат голем број високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше крвавиот обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обидот за пуч изведен од офицерите кои ФЕТО ги инфилтрира во турската Војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која не претставува закана само за Туркије, туку и за секоја земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа и турските власти. За време на обидот за пуч во Туркије животот го загубија 251 лице, а 2.734 беа повредени.