Muhammed Kaygın
01 Април 2017•Ажурирај: 02 Април 2017
ЧАНКИРИ (АА) - Во време кога дигиталните медиуми се сè повеќе развиени, а паметните телефони се во рацете на луѓето повеќе отколку книгите, тешко е да се пронајдат механизми што младите ќе ги привлечат кон библиотеките. Така, властите на градот Чанкири, во централна Турција, воз и авион претворија во библиотека со цел да ги поттикнат младите луѓе да читаат што повеќе, пишува Anadolu Agency (AA).
Во соработка со Железницата на Република Турција, на овој град му е обезбедена стара локомотива и два вагона кои се редизајнирани и претворени во библиотека.

Исто така, претставниците на градот од Истанбул обезбедија авион Ербас А-300 кој веќе не се користи во авиосообраќајот, а внатрешноста на авионот е осмислена како библиотека, која привлекува сè поголем број на млади луѓе но и постари лица.
Покрај библиотека, на младите во авионот и во вагоните им е обезбеден и простор за опуштање во паузите.
Началникот на општината Чанкири, Ирфан Динч, за АА изјави дека целта е приближување на младите кон книгата и читањето, но нагласи дека библиотеките можат да ги посетат и постарите.
„Сакаме да придонесеме кон образованието на нашите деца за во иднина оваа земја да добие квалитетни граѓани. Задоволни сме со одзивот на младите, се надеваме дека во наредниот период нашите библиотеки ќе бидат уште повеќе посетени”, порача Динч.