Nilay Kar
07 Април 2019•Ажурирај: 09 Април 2019
ЕДРЕНЕ (АА) - Безбедносните сили задржаа 950 нерегуларни мигранти во северозападната турска област при обид да влезат во соседна Грција, изјавија безбедносни извори, јавува Anadolu Agency (AA).
„Мигрантите тргнаа кон областа Едрене, откако во четвртокот им било кажано преку социјалните медиуми дека Турција ќе им дозволи да ја преминат границата“, изјавија извори кои побараа да останат анонимни.
По дојава, полицијата и жандармеријата ги зголемија безбедносните мерки во близина на границата за да го спречат приливот на мигранти.
Мигрантот од Иран Али Хусеини рече: „Илјадници луѓе се организираа да ја преминат границата, откако преку социјалните медиуми им беше кажано дека турскиот граничен премин ќе биде отворен за премин.“
„Луѓето од одредени групи на социјалните мрежи ни пишаа да одиме до Едрене, дека оттаму ќе преминеме во Грција“, рече Хусеини.
Тој апелираше до другите мигранти да не доаѓаат во Едрене, велејќи: „Границите не се отворени.“
Сите мигранти се упатени до обласната Канцеларија за миграции во градот.
Во 2015 година, исто така, илјадници илегални мигранти тргнаа кон Едрене, по слушнатите гласини дека Германија ќе ги прифати и дека граничните премини ќе бидат отворени.
Турција е главната рута за илегалните мигранти кои се обидуваат да влезат во Европа, особено од 2011 година, кога започна граѓанската војна во Сирија.