Ramazan Ercan
24 Октомври 2017•Ажурирај: 25 Октомври 2017
ИЗМИР (АА) - Рамазан Ерџан - Тимовите на Крајбрежната стража на Турција во морскиот простор на земјата за девет месеци, оваа година, фатија 15.470 мигранти, јавува Anadolu Agency (AA).
Жандармериските и полициските тимови фатија 5.168 мигранти пред да впловат кон отворено море.

Припадниците на безбедносните сили и понатаму спроведуваат акции за спречување на илегалните миграции преку Турција и Грција кон Европа.
Акциите се извршени во Егејското, Средоземното и Црното Море, а само во септември беа фатени 3.408 мигранти што е најмногу од месец октомври минатата година.
Во октомври 2016 година беа фатени 2.437, во месец ноември 1.856, а во декември 781 мигрант.
Оваа година, во месец јануари фатени се 756, во февруари 719, во месец март 1.501, април 1.551, во мај 1.236 мигранти, во јуни 1.888, јули 1.743, додека во август 2.668 мигранти.
Тимовите на Крајбрежната стража во осум акции во Црното Море, спроведени во периодот од 13 август до 22 септември, фатија 874 мигранти и приведоа десет криумчари, а во две дополнителни акции на копно фатени се 237 мигранти и петмина криумчари.
Мерките кои Турција ги презеде на својата територија во Црното Море овозможија од 22 септември до денес, да нема илегална миграција.
На бреговите на Црното Море, мерките ги преземаат полицијата и жандармеријата, а во морските длабочини тимовите на Крајбрежната стража.
Оваа година, во морскиот простор на Турција починаа 51 мигрант, чие пловило потонало или се превртело. Во тек се акциите за спасување на 14 мигранти.
Минатитот месец при потонување на рибарски чамец со мигранти во турската област Коџаели, се удавија 24 мигранти, што претставува најголема бројка од месец април 2016 година.