Volkan Kaşik
12 Април 2023•Ажурирај: 13 Април 2023
МАЛАТИЈА (АА)
- Волкан КАШИК
Во турската област Малатија, каде што земјотресите со епицентар во Кахраманмараш, на 6 февруари предизвикаа големи разурнувања, секој ден се отстрануваат остатоците од 150 згради, пишува Анадолу.
Земјотресите со интензитет од 7,7 и 7,6 степени, чии епицентри беа во Пазарџик и Елбистан, предизвикаа разурнувања во центарот на градот Малатија, во местата Доганшехир и Акчадаг и во руралните населби.
Степенот на разурнувањата предизвикани од земјотресите, кои ги оштетија новите згради, особено оние лоцирани на просторот на Бостанбаши, Фахри Кајахан, Теџде и Јузаки, како и во центарот на градот, станува сѐ поочигледен со секој изминат ден.

И додека контролирано продолжуваат акциите на уривање на тешко оштетените објекти што претставуваат опасност во градот, акциите на екипите за отстранување на шутот се одвиваат без престан.
Според досега спроведеното истражување, Канцеларијата на гувернерот на Малатија утврди дека од 416.000 независни објекти во градот, урнати се, итно ќе се уриваат или сериозно се оштетени 132.000.
Во градот, во кој се урнати 5.662 објекта, досега е завршена работата за отстранување на шутот на 3.609 руинирани објекти.
Дневно во градот се отстрануваат урнатините од 150 згради, при што досега е отстранет 83% од вкупниот шут.

Во активностите што се спроведуваат под надзор на екипите на Министерството за животна средина, урбанизација и климатски промени во соработка со службите за спроведување на законот, пронајдените вредни предмети ги евидентираат припадниците на полицијата и војската.
Освен тоа, за пронајдените предмети, како книги, фотоалбуми, ковчези, одредени се простори од каде што сопствениците ќе можат да ги земат.
Контролирано се врши уривање и на куќите од ќерпич во местото Јешиљурт, кои беа тешко оштетени во земјотресот.
- „Целата улица, сите наши спомени се срамнија со земја“
Фатих Таш, еден од оние што ги преживеаја земјотресите, за дописникот на АА изјави дека куќата што ја наследил од неговиот дедо е тешко оштетена и додаде: „Целата улица, сите наши сеќавања се срамнија со земја во земјотресот. Тагуваме, но живи сме, фала Богу. Немавме жртви. Државата и народот се рака под рака, нашата Малатија, нашиот Јешилурт што е можно поскоро ќе ги кренеме на нозе.“
Мустафа Билир кој, исто така, е меѓу оние што беа погодени од катастрофалните земјотреси во јужните делови на Туркије, зборувајќи дека нивната куќа е тешко оштетена, продолжи со зборовите: „Нашите спомени исчезнаа, нашето минато е избришано. За среќа, немаше жртви во нашето соседството, но, за жал, имаше загуби во нашиот град Јешилурт.“