Sidar Can Eren
11 Ноември 2021•Ажурирај: 12 Ноември 2021
ТУНЏЕЛИ (АА) - СИДАР ЏАН ЕРЕН -
Зија Абај (познат како турски Робинзон Крусо), со илјадници дрвја го зазелени островот во езерото Кебан, во областа Пертек, централна Турција, пишува Агенција Анадолија (АА).
Абај, по повод Националниот ден на пошумувањето, повика на засадување дрвја во борбата против сушата и ерозијата.
Зија Абај (83) е роден во селото Чакирбахче во областа Пертек, Тунџели. Се населил во градот Ескишехир со сопругата и децата откако долги години се занимавал со трговија во Елазиг заедно со неговиот вујко.

Долги години за живот заработува во антикварницата што ја отворил во Ескишехир. Откако ја загубил сопругата во сообраќајна несреќа во 1995 година, Абај уште истата година се вратил во родниот град Тунџели.
Абај, еден ден кога крстарел по езерото Кебан со својот чамец, видел остров. Оттогаш на островот започнува да сади дрвја во спомен на својата почината сопруга.
Поради својата љубов кон природата, со текот на годините, Абај на островот засадил 4.000 дрвја. И покрај поодминатата возраст, тој продолжува да се грижи за дрвјата - јаболкници, калинки, грозје, ореви, дуњи и цреши.
- Мештаните го споредуваат со Робинзон Крусо -
Абај, за време на летниот период ги полева своите дрвја, а во есенскиот период ги кастри. Кај локалното население е познат и како „Робинзон Зија“, споредувајќи го со херојот од романот Робинзон Крусо.
Островот го посетува секој ден. По пешачење од околу 3 километри стигнува до брегот на езерото, се качува на својот чамец и заминува за островот.

Зија Абај за АА рече дека откако ја загубил сопругата во сообраќајна несреќа, времето го минува на островот и дека во текот на годините засадил илјадници дрвја.
Наведувајќи дека островот кој се наоѓа на средината на езерото бил без дрвја, Абај рече: „Овде немаше ниту едно дрво. Сам засадив 4.000 дрвја на островот и го доведов до оваа состојба. Времето ми поминува на островот, работам постојано.“
- „Треба да се садат дрвја против сушата и ерозијата“ -
Зија Абај рече дека на островот одгледува овошје: јаболка, круши, цреши, ореви, ’фстаци и калинки, и дека дрвјата ги одржува во сите годишни времиња.
По повод Националниот ден на пошумувањето, упати повик до граѓаните.
„Секој нека сади дрвја од срце и нека се грижи за дрвјата за да можат да растат. Зошто се менува климата? Затоа што нема дрвја. Се зголемуваат и болестите. Дрвјата ќе привлечат дожд. Дожд не врне таму каде што нема дрвја. Секој треба да сади дрвја против сушата и ерозијата. Нека се објави мобилизација за садење дрвја во сите наши општини“, нагласи Зија Абај.
Меѓу другото, Абај, додавајќи дека во текот на времето поминато на островот станал посилен и се чувствува подобро, рече дека не се чувствува добро кога е далеку од својот остров.