Zehra Nur Düz
27 Октомври 2022•Ажурирај: 28 Октомври 2022
АНКАРА (АА) - Академијата за вести на Агенција Анадолија (АА) денеска одржува Форум за меѓународни новинари во своето седиште во турскиот главен град Анкара.
Форумот за воено новинарство и известување од кризните зони се одржува со поддршка на Дирекцијата за комуникации при турското Претседателство.
Говорејќи на отворањето на Форумот, генералниот директор и претседател на Управниот одбор на Агенција Анадолија, Сердар Караѓоз, рече дека агенцијата има реализирано обука за воено новинарство на речиси 500 учесници, домашни и странски новинари.

„Во текот на последната деценија, од страна на Агенција Анадолија одржани се 22 вакви обуки со поддршка на турските институции како што се Генералниот директорат за безбедност, Турските вооружени сили, Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) и Агенцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби ( АФАД)“, рече Караѓоз.
Нагласувајќи дека воените дописници треба да бидат обучени да издржат сурови услови на теренот, Караѓоз нагласи: „Со овие обуки ги подготвуваме репортерите за сите предизвици со кои може да се соочат на бојното поле.“
„Овој форум се одржува за повторно дискутирање за концептот на воено новинарство“, додаде Караѓоз.
На Форумот учествуваат вкупно 15 меѓународни новинари, кои претходно ја минаа обуката од агенцијата, од Грузија, Пакистан, Етиопија, Албанија, Азербејџан, Украина, Нигерија, Алжир, Чад, Кенија, Босна и Херцеговина и Киргистан.
Форумот има за цел да го зголеми интересот на членовите на меѓународните медиуми за Туркије и да придонесе за промоција на земјата преку интеракција помеѓу странските и турските воени дописници.
Во рамките на Форумот воените дописници ќе ги споделат своите искуства од теренот, ќе разменат идеи за тешкотиите на професијата, опасностите со кои се среќаваат во кризните зони и новите технологии, како и за правилата кои треба да се обноват.
На Форумот ќе се разговара и за низа други прашања, а ќе бидат одржани и сесиите „Промена на условите при конфликт и воена кореспонденција“, „Воените дописници во Туркије“ и „Глобалните комуникации во воени услови“.
Се очекува на Форумот да присуствуваат и говорници кои имаат постигнато значителен успех во областа на военото новинарство.
Обука за воено новинарство обезбедуваат само неколку институции во светот, а во Туркије се организира од 2012 година.