Hatice Şenses Kurukız
18 Ноември 2018•Ажурирај: 19 Ноември 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Заменик-генералниот директор и главен уредник на Anadolu Agency (AA), Метин Мутаноглу, изјави дека Палестинците речиси половина век живеат под израелска окупација, но дека меѓународните сили не сакаат да ги видат тие факти.
Меѓународните палестински медиуми и Комуникацискиот форум во Истанбул ја организираа конференцијата „Иднината на Палестина во современите медиуми“.
Мутаноглу беше говорник на панелот „Развојот на реториката за Палестина во современите медиуми“, а обраќањето започна со оддавање почит на убиениот новинар Џамал Кашоги.
Тој истакна дека Кашоги бил еден од најголемите борци за човекови права во арапскиот свет.
Потсетувајќи на неодамнешните нови израелски напади во Газа, Мутаноглу рече дека турскиот народ тие напади ги доживува како напади врз сопствената земја.
„Сметам дека ова е важно да се каже. Тешко е да се разбуди некој што спие, но уште потешко е да се разбуди некој кој се преправа дека спие. Еден од проблемите е свеста за палестинското прашање на меѓународната сцена. Палестинскиот народ веќе подолго од половина век живее под притисок на Израел. Многу луѓе во Турција го доживуваат овој проблем како свој. Тоа не е проблем, туку темелниот проблем е тоа што лидерите во арапскиот свет премногу блиску пристапуваат и се врзуваат за Америка. Треба да разговараме за тоа кои средства да ги користиме кога на светот му укажуваме за палестинското прашање. Палестинците веќе 50-60 години живеат под израелска окупација, но меѓународните сили не сакаат да го видат овој факт. Наместо да му помогнат на палестинскиот народ, меѓународната заедница се бави со сопствените интереси. Сè што се случува во Палестина во истовреме се одразува и на Турција, бидејќи нашиот народ палестинските проблеми ги гледа како свои“, рече Мутаноглу.
- Тамими: Постои проблемот на нееднаквоста -
Пред учесниците на конференцијата се обрати и палестинскиот интелектуалец и политички активист Азам Тамими.
„Ние сме народ кој живееше на сопствената земја, но друг народ имаше проблеми и дојде, и се обидува тие свои проблеми да ги реши на нашата земја, но во истовреме тој народ не ги сака муслиманите“, рече Тамими.
Тој истакна дека никој сопствениот народ не го смета за повреден од другите во мера во која тоа го прават ционистите.
„За решавање на палестинското прашање мора прво да се реши тој проблем. Како може да се договорите со некој што ве смета за помалку вредни и кој себеси си дава за право да ви ја окупира земјата. Овде имаме проблем со нееднаквоста на сцената“, рече Тамими.
Коментирајќи и во врска со минатомесечното брутално убиство на новинарот Кашоги во саудискиот конзулат во Истанбул, Тамими истакна дека со неговата крв се извалкани рацете на сите Саудијци.
„Џамал Кашоги е ѕверски убиен и ние нема мирно да стоиме, туку ќе направиме сè што треба за да го сочуваме сеќавањето на него“, рече Тамими.
- Абудхиер: Масакрите се случуваат на места каде што постои окупација -
Како учесник на конференцијата, истакнатиот интелектуалец Ферид Абудхиер рече дека Палестинците не успеаја воено и економски да му се спротивстават на Израел, и додаде дека во овој контекст медиумите треба да бидат многу посилни за да дадат остри одговори на неправдата.
Истакнувајќи дека денес постојат интернетот и социјалните мрежи, Абудхиер рече дека постојат канали преку кои може да се стигне до секој поединец во светот.
„Имаме недостатоци во поглед на стратешкото и планското делување, информациите и познавањето јазици. Меѓународните медиуми за Палестина известуваат само кога таму се случуваат масакри и кога паѓаат нови жртви. Жртвите се неизбежни кога на сцена е окупацијата, но зошто би чекале да паднат жртви за да укажуваме на палестинското прашање“, рече Абудхиер.
Меѓу говорниците на панелот во Истанбул организаторите планираа да биде и убиениот новинар Кашоги, поради што на платформата во салата беше ставена неговата фотографија.