Melike Pala
02 Октомври 2025•Ажурирај: 02 Октомври 2025
БРИСЕЛ (АА) - Пропалестински активисти излегоа на протести низ цела Европа по пресретнувањето на Глобалната флотила „Сумуд“ од страна на израелските сили, јавува Анадолу.
Во Рим, стотици демонстранти, меѓу кои и студенти и членови на локалните синдикати, се собраа на Пјаца деи Чинквеченто пред станицата Термини.
Учесниците го блокираа сообраќајот на плоштадот и околните улици, извикувајќи слогани како „Да блокираме сè за флотилата и за Палестина“.
Полицијата затвори неколку метро станици и го ограничи пристапот на патниците до станицата Термини. Демонстрантите планираа да маршираат кон Пјаца Барберини со околу илјада учесници.
Италијанските синдикати, „Unione Sindacale di Base“ (USB) и „Confederazione Generale Italiana del Lavoro“ (CGIL), повикаа на национален генерален штрајк на 3 октомври.
Во Барселона, неколку стотици луѓе се собраа пред израелскиот Kонзулат за да го осудат пресретнувањето и да изразат солидарност со Газа.
Слични демонстрации се одржаа и во Берлин, каде што десетици луѓе се собраа на Централната станица во знак на протест против израелскиот напад, и во Брисел, каде што демонстрантите маршираа од Плас де ла Бурс кон белгиското Министерство за надворешни работи.
Се очекува стотици луѓе да одржат протест и во Лондон во текот на утрешниот ден.
Организаторите на Глобалната флотила „Сумуд“ рекоа дека пресретнувањето се случило откако израелските воени бродови ги блокирале комуникациите и тргнале да го запрат конвојот. Меѓународниот комитет за пробивање на опсадата на Газа (ICBSG) потврди дека израелските сили упаднале на бродовите „Алма“ и „Сириус“.
Неколку активисти објавија видеа на социјалните мрежи потврдувајќи дека израелските воени бродови се приближиле до конвојот и им наредиле да го сменат курсот.
Флотилата, која пренесува главно хуманитарна помош и медицински материјали, тргна кон крајот на август и се очекуваше да стигне до брегот на Газа утре наутро под нормални околности.
Ова е прв пат по многу години околу 50 бродови да отпловат заедно кон Газа, носејќи 532 цивили поддржувачи од над 45 земји до енклавата во која живеат 2,4 милиони Палестинци и која е под израелска блокада речиси 18 години.