Филмот за петгодишното палестинско девојче Хинд премиерно прикажан на Венецискиот филмски фестивал
Проекцијата привлече голем број познати поддржувачи, меѓу кои Бред Пит, Хоакин Феникс, Руни Мара, Алфонсо Куарон и Џонатан Глејзер

БРИСЕЛ (АА) - Новиот филм кој ја прикажува трагичната приказна за 5-годишно сираче од разорната офанзива на Израел врз Појасот Газа премиерно беше прикажан во Венеција, Италија, пренесува Анадолу.
„Гласот на Хинд Раџаб“, најновиот филм на тунискиот режисер Каутер Бен Ханија, дебитираше на 82-от Меѓународен филмски фестивал во Венеција, објави новинската агенција АНСА.
Филмот ги раскажува настаните од 29 јануари 2024 година, кога 5-годишната Раџаб беше единствената преживеана во автомобилот погоден од израелските сили во Газа додека нејзиното семејство се обидуваше да избега.
За време на нападот, Хинд очајнички се јавила кај волонтерите на Црвената полумесечина, молејќи за помош. Волонтерите се обиделе да ја држат на линија и да повикаат брза помош, но возилото со девојчето било погодено пред да стигне помошта.
Во говорот по проекцијата, Бен Ханија рече: „Мораше да се направи ваков филм бидејќи премногу често вестите нè потсетуваат на факти што ги забораваме, а понекогаш ни покажуваат свет на кој му е одземена моќта да зборува. Гласот на ова петгодишно девојче, на Хинд, во крајна линија е гласот на Газа што бара помош.“
Филмот, дистрибуиран од „I Wonder Pictures“, има за цел да го пренесе гласот на Хинд и страдањето на Газа на големото платно, потсетувајќи ја публиката на една трагедија.
Филмот, кој се натпреварува за Златен лав, главната награда на фестивалот во Венеција, една од најпрестижните награди во светската кинематографија, ги трогна и публиката и критичарите за време на премиерата, предизвикувајќи големи емоции.
Проекцијата привлече голем број познати поддржувачи, меѓу кои Бред Пит, Хоакин Феникс, Руни Мара, Алфонсо Куарон и Џонатан Глејзер.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.