Filiz Kınık Öz
22 Април 2023•Ажурирај: 25 Април 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Најмалку 50.783 лица загинаа во земјотресите што ја потресоа Туркије на почетокот на февруари оваа година, изјави денес министерот за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, известува Анадолу.
„Во моментов има 297 барања за пронаоѓање на исчезнати лица. 30 од нив се на возраст од 6 години, 20 на возраст од 7 до 12 години, а 36 на возраст од 13 до 17 години. Значи, 86 исчезнати се малолетни деца. Останатите се возрасни“, изјави Сојлу во разговор за турскиот телевизиски канал „Си-ен-ен Турк“ (CNN Turk).
Тој наведе дека во земјотресот животот го загубиле 7.302 мигранти.
„Идентификацијата на 985 лица е во тек“, рече Сојлу.
Тој наведе дека примероци на ДНК се земени од лица од Идлиб, Африн, Џарабулус, Азаз и Мареа во процесот на идентификација.
„Се обидуваме да ги споредиме. Значи, не се сите овие 985 лица државјани на Република Туркије. Меѓу нив има и странски државјани. Има лица кои живеат сами. Има лица кои немаат роднини. Има случаи од кои не можевме да добиеме ДНК“, појасни Сојлу.
Министерот Сојлу рече дека процесот на отстранување на урнатините е речиси завршен.
„Околу 50.000 од 57.000 урнатини се отстранети во 11 турски области. Главно во Хатај. Рековме дека ќе завршиме до Бајрам. Сите објекти за уривање се исчистени. Во рок од 10 дена ќе почнеме со уривање на тешко оштетените објекти“, додаде Сојлу.
Два разорни земјотреси, првиот со интензитет од 7,7 степени по Рихтер, на 6 февруари наутро во 4:17 часот по локално време, со епицентар во округот Пазарџик, и вториот во 13:24 часот, со интензитет од 7,6 степени по Рихтер, со епицентар во местото Елбистан, ги потресоа јужните делови на Туркије. Епицентрите на земјотресите се регистрирани во турската област Кахраманмараш.
Околу 14 милиони луѓе во Туркије се погодени од разорните земјотреси, како и голем број луѓе во северните делови на Сирија.