Ayhan İşcen
10 Февруари 2023•Ажурирај: 11 Февруари 2023
КАХРАМАНМАРАШ (АА) - Уште едно лице е спасено од под урнатините во градот Елбистан, во турската област Кахраманмараш, дури 102 часа по разорните земјотреси кои во понеделникот ги потресоа јужните делови на Туркије, известува „Анадолу“.
Бројни спасувачки екипи ги продолжуваат акциите на пребарување и спасување во Кахраманмараш.

Полициски тимови за трагање и спасување од под урнатините на седумкатница слушнаа глас и вложувајќи големи напори, успеаја да го спасат 33-годишниот Мустафа Сами Салих.
Спасувачката акција траеше 12 часа.
Спасениот маж со возило на Брзата помош е префрлен во болница.
„Најмалку 18.342 лица загинаа, а 74.242 се повредени по двата силни земјотреси кои во понеделникот ги потресоа јужните делови на Туркије, а кои се окарактеризирани како катастрофа на столетието“, потврди турската Агенција за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД).
Два разорни земјотреси со интензитет од 7,7 и 7,6 степени по Рихтер, во понеделникот ги потресоа јужните делови на Туркије со епицентар во Кахраманмараш, а бројни спасувачки екипи и понатаму посветено работат на акциите за претрага и спасување на луѓето заробени под урнатините на зградите.
АФАД објави дека во моментов на терен работат повеќе од 120.000 спасувачи и трагачи.