Erdoğan Çağatay Zontur
22 Август 2020•Ажурирај: 23 Август 2020
ДЕНИЗЛИ (АА) - Разнобојните балони на топол воздух утрово го украсија небото над Памуккале во југозападна Турција, откако популарното возење со балон продолжи по паузата од над пет месеци поради пандемијата на коронавирусот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Местото кое се наоѓа на Листата на светско наследство на УНЕСКО во турската област Денизли е познато по своите термални води богати со минерали и белите тераси од травертин.
Турите со балони, кои им овозможуваат на посетителите да ја видат прекрасната природа од воздух, беа прекинати на 15 март како дел од мерките за спречување на ширењето на вирусот Ковид-19.
Подрачјето на Коџачукур во Памуккале денес се разбуди со вревата на голем број туристи, кои чекаа да искусат лет со балон на изгрејсонце, носејќи маски и почитувајќи ги правилата за социјално дистанцирање.
Мухамет Каплан, сопственик на компанија за тури со балони, за АА изјави дека тур-операторите се среќни поради продолжување со работата, откако го поминаа тешкиот период од над пет месеци.
„Има зголемен интерес за турите со балони во Памуккале. Сите моравме да направиме пауза поради пандемијата, но денес повторно можеме да го гледаме прекрасното изгрејсонце од небото“, рече Каплан.
„Ги преземаме сите неопходни мерки на претпазливост. Средства за дезинфекција се користат редовно, на патниците не им се дозволува да се качуваат во балоните без маски, им се проверува телесната температура и сите треба да ги следат правилата за социјално дистанцирање“, додаде Каплан.
Маја Симон Акоста, американска државјанка која повеќепати ја посетила Турција, ја сподели својата возбуда: „Овде е прекрасно, можете да ја посетите Турција без никаков страв. Летањето во овие балони е како сон. Се чувствувате прекрасно издигнувајќи се кон облаците“.