Sena Güler
11 Ноември 2018•Ажурирај: 12 Ноември 2018
БАРТИН (АА) - Ретки базалтни столбови на северниот дел на Турција, станаа популарна туристичка дестинација, откако ова место е отворено за туристички посети пред четири месеци, јавува Anadolju Agency (AA).
Ова подрачје сместено во областа Бартин, за кое се претпоставува дека е старо околу 80 милиони години, за само четири месеци го посетија околу 40.000 лица.
Столбовите на брегот Ѓузелџехисар во Црноморскиот Регион, настанале со брзо ладење на лавата од вулканот, а денес со својот облик ги воодушевуваат посетителите.
Фуат Дурсун, директорот на Одделот за култура и туризам во Бартин, изјави дека ова подрачје, благодарејќи на карпите, станало „чудо на природата“.
„Најзначајната карактеристика на ова подрачје се вулканските столбови стари 80 милиони години. Се појавија пукнатини кои ги оформија столбовите со пентагонален и хексагонален облик“, изјави Дурсун.
Тој истакна дека формациите во Ѓузелџехисар биле поразлични од другите примероци на овој вид во светот.
„Базалтните карпи во светот се хоризонтални, а нашите столбови се хоризонтални и вертикални“, додаде Дурсун.
Тој изјави дека има голем број посетители на овој феномен, но додаде и дека целта е да се зголеми бројот на посетителите на 100.000 - 200.000, и да се овозможи и домашните и странските туристи да го посетат ова подрачје.
Планирана е изградба на угостителски објекти со капацитети за сместување и пристапни патишта.
Базалтните карпи можат да се видат во Северна Ирска, Шкотска и Калифорнија, а во Турција се наоѓаат единствено во Бартин.
Министерството за земјоделство и шумарство на Република Турција во 2017 година овие столбови ги прогласи за споменик на природата.