Zafer Fatih Beyaz
07 Октомври 2019•Ажурирај: 07 Октомври 2019
АНКАРА (АА) - Шефот на Одделот за комуникација при турското Претседателство, Фахретин Алтун, истакна дека Турција во Сирија дејствуваше со многу трпеливост и во согласност со своите сојузници, но, според него, Турција не може да чека ниту една минута повеќе, и дека животите на Турците, Курдите и Арапите се во опасност, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Намерата на Турција е отворена и јасна; елиминирање на терористичкиот коридор на нашата граница, војување против ПКК, која е непријател на курдскиот народ, водење борба против ДЕАШ, и да се спречи нивно повторно зајакнување. Сирија има потреба за локална управа, а не за окупацијата на ПКК“, напиша Алтун во објава на Твитер.
Алтун рече дека ПКК врши етничко чистење во подрачјата кои ги држи под своја контрола, и дека бројни меѓународни организации за човекови права признаваат дека оваа терористичка организација елиминира каква било опозиција, особено курдските демократи.
„Корисно е да се направи едно кратко потсетување за тие што сметаат дека СДГ/ЈПГ/ПКК се поверодостојни од Турција во регионот, во насока на борбата против ДЕАШ. По одлуката на Трамп за повлекување на своите војници, СДГ/ЈПГ/ПКК разговараше за ослободување на 3.200 затвореници припадници на ДЕАШ. Турција во Сирија дејствуваше со многу трпеливост и во согласност со своите сојузници. Но, Турција не може да чека ниту една минута повеќе. Животите на Турците, Курдите и Арапите се во опасност. Во подрачјата ослободени од ПКК наместо окупацијата на терористите ќе ги има услугите обезбедени од страна на Турција. Операциите „Маслинова гранка“ и „Штитот на Еуфрат“ покажаа дека Турција претставува добар пример за сите Сиријци од аспект на управувањето и безбедноста“, додаде Алтун, шефот на Одделот за комуникација при турското Претседателство.