Serdar Açıl
02 Март 2021•Ажурирај: 02 Март 2021
АНКАРА
Обвинителството во Анкара издаде налози за лишување од слобода на 24 активни и поранешни припадници на Турските вооружени сили (TSK) поради поврзаност со терористичката организација ФЕТО, јавува Агенција Анадолија (АА).
Обвинителството соопшти дека истрагата е покрената откако е утврдено дека споменатите лица преку фиксни телефонски говорници комуницираат со припадниците на терористичката организација ФЕТО во цивилни структури.
Налогот за апсење опфаќа еден активен полковник, четири мајори, двајца поручници и уште еден пензиониран полковник. Меѓу 24 осомничени е и поручникот на турската војска кој претходно поради поврзаност со терористите на ФЕТО е отпуштен од војската.
Одделот за борба против тероризмот на полицијата во Анкара покрена акција со цел лишување од слобода на наведените лица.
Обвинителството издаде налози за апсење и на 44 припадници на Жандармеријата на Турција, исто така поради поврзаност со терористичката организација ФЕТО, а од полицијата е соопштено дека во рамките на повеќе акции, од слобода се лишени 25 барани лица.
Обвинителството во Истанбул издаде налози за приведување на 40 лица поврзани со терористичката организација ФЕТО, а 28 осомничени во повеќе полициски акции се приведени. Обвинителството соопшти дека се работи за лица осомничени за финансирање на структурите на терористичката организација ФЕТО.
Во полициските претреси е пронајден и дигитален и друг доказен материјал.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција, ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), и чија екстрадиција Турција официјално побара од САД.
Припадниците на терористичката организација, со години, преку местење испити напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, членовите на ФЕТО во правосудството на Турција со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обидот за пуч, што го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската Војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа, која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските функционери. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.