АНКАРА (АА) - Мелтем Булур/ Назли Јузбашиоглу
Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, како гостин на уредничкиот колегиум на Anadolu Agency во Анкара, вчера се осврна и на можната ратификација на текстот од договорот што на почетокот од оваа година го постигнаа Турција и Израел во контекст на нормализацијата на односите меѓу двете земји. Притоа тој истакна дека верува оти „оваа работа ќе се заврши пред членовите на Парламентот да одат на одмор“, јавува Anadolu Agency (AA).
„Мислам дека ќе ја завршиме оваа работа пред членовите на Парламентот да одат на одмор. Израел ги исполни условите што ги поставивме Ние претходно рековме дека ќе ги нормализираме односите, доколку бидат исполнети условите. Затоа сега и ова треба, колку што е можно поскоро, да го спроведеме“, рече Чавушоглу за АА.
На прашањето дали постојат показатели дека странски војници биле вмешани во обидот на ФЕТО за државен удар, Чавушоглу изјави дека во врска со ова прашање се води истрага.
„Она што го знам е дека од базата Инџирлик полетаа транспортни авиони и тие играа важна улога во обидот за државен удар. Сите учесници во тоа беа уапсени. Покрај тоа, какви контакти постоеле, со кого биле поврзани, претходно, потоа, сето тоа внимателно се испитува, изјави Чавушоглу.
Тој истакна дека Турција не се откажала од борбата против терористичките организации при обидот за државен удар во земјата.
„Гледаме дека ПКК, брат на ФЕТО по крв, овој период го користи како можност и ги интензивира нападите. Неколку дена чекаа, па одлучија да ги интензивираат своите напади. Ние реагираме колку што е потребно и ја продолжуваме нашата борба", рече турскиот министер.
Тој исто така истакна дека Турција и понатаму, како и досега, ја продолжува решителната борба против терористите на ДАЕШ.
Тој се осврна и на односите меѓу Турција и Европската Унија (ЕУ), истакнувајќи дека ветувањето на Унијата за безвизниот режим и договорот за бегалците што беше постигнат 18 март, меѓусебно се поврзани.
„Тогаш на новинарот му реков дека тоа ќе биде октомври, ноември, не е важно. Треба да се дефинира јасна мапа на патот и заедно да се спроведат безвизниот режим и договорот за бегалците“, изјави Чавушоглу.
Тој истакна дека е поткопана довербата во ЕУ по изјавата на претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, и на претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц.
„Во моментов имаме три договори. Нив треба да ги спроведеме. ЕУ порачува дека од 72 критериума во однос на безвизниот режим, пет не се исполнети. Отворено им кажавме дека во врска со законите за тероризам, сега не можеме да правиме измени. Ете, неодамна видовме што направи ФЕТО, а пред тоа го видовме нападот во Истанбул“, вели Чавушоглу.
Тој истакна дека генералниот секретар на Советот на Европа, Торбјорн Јагланд, по обидот за државен удар ја посети Турција и изрази јасна поддршка.
„Не е правилно ЕУ пред Советот на Европа, без размислување да говори на овие теми. Доколку во иднина се променат условите и атмосферата, и ако го спречиме тероризмот, ќе го разгледаме тоа прашање. Но, сега од ова не можеме да се откажеме, бидејќи тоа е поважно од безвизниот режим. За нас, прашањето на борбата против тероризмот е од витално значење“, оцени турскиот шеф на дипломатијата.
Чавушоглу потсети дека поранешниот премиер на Шведска, Карл Билд даде поддршка за Турција по обидот за државен удар на 15 јули, додека во ЕУ постоеја различни ставови.
„Тој им рече: ‘излезете и јасно кажете дека сте против државниот удар, а ако имате грижи, кажете им го тоа на Турците в лице’. Тоа се токму нашите очекувања. Дојди, но прво покажи солидарност. Оваа земја преживеа голема криза. Зошто е нашата нација на стража? Нашиот народ не размислува за тоа премногу. Ако им кажете да бидат на стража цела година, тие ќе бидат. Тоа го прават од љубов. За земјата, за народот, за знамето, за претседателот кој го избраа, за Владата. Истото тоа го прават и луѓето од другите партии. Затоа дојдете и видете што се случува тука“, им порача Чавушоглу на претставниците на ЕУ.
Тој потсети дека четирите партии во Парламентот на Турција ја поддржаа заедничката декларација против државниот удар.
Тој зборуваше за ставот на ДАЕШ против Турција, објаснувајќи зошто ДАЕШ е непријател на Турција.
„Зошто ДАЕШ е непријател на Турција? Зошто Реџеп Таип Ердоган го зедоа за цел? Затоа што ние ги пресековме нивните канали. На аеродромите го спречуваме преминувањето на странски терористи, или ги фаќаме по нивното враќање. Второ, тие ја користат, ја злоупотребуваат верата, верата на мирот, исламот. Што вели на ова Реџеп Таип Ердоган? Во таа смисла, човек со голем углед во светот. „Тие не го претставуваат исламот. Тие немаат ништо заедничко со исламот. Тие дури и не се луѓе“. Ердоган зазема важна улога во спречувањето на идеологијата на ДАЕШ, која се користи за да регрутираат луѓе. Неговите пораки имаат важно место во целиот исламски свет. Особено во земјите од кои доаѓаат овие странски борци. Токму затоа ЕУ треба да се ослободи од таквите ставови“, рече Чавушоглу.
Говорејќи за односите меѓу Турција и ЕУ, Чавушоглу потсети дека е потребен консензус во ЕУ за да се прекинат преговорите за пристапување на земјата во ЕУ.
„Не ни е грижа што велат една или две земји, но треба да се види што се наоѓа зад пречките кои се поставуваат пред Турција на нејзиниот пат кон ЕУ", рече Чавушоглу.
Тој додаде дека претставниците на ЕУ треба јасно да кажат, ако сакаат, како што рече, да ја изгубат Турција.
„Ако ЕУ сака да ја изгуби Турција, тоа јасно нека го каже. Нека кажат дека сакаат да ги прекинеме преговорите, нека не ни се закануваат. Ако сакаат да ги прекинат преговорите, нека ги прекинат. Нека донесат јасна одлука, нека не нè мамат. Ние поднесовме барање да станеме членка. Сакаме да ги завршиме обврските за да станеме членка. Неодамна имавме обид за државен удар, со тоа се бориме, а вие (ЕУ) наместо да ни дадете поддршка, ни се заканувате со прекин на преговорите. Зошто го правите ова? Ако еден ден Западот ја изгуби Турција, ќе ја изгуби поради ваквиот пристап. Но, ако наместо закани сакаат да направат некој потег, нека го направат, ние нема да ги молиме. До денес не сме молеле ниедна институција. И да станеме членка, ќе бидеме еднакви и почитувани“, рече Чавушоглу.
На прашањето дали се наѕира позитивен развој на односите меѓу Турција и Египет, Чавушоглу изјави дека целта на Турција е да се решат проблемите.
„Сакаме да ги развиваме односите со Египет. Никогаш не сме сакале да имаме лоши односи. За жал, Египет денес се соочува со длабока економска криза. Кога во овој момент земјите би престанале да ѝ испраќаат помош на таа земја, за една недела земјата би капитулирала. Тогаш, кој има корист од ваквиот Египет. Не сакаме да гледаме ваков Египет. Сакаме голем Египет. Ако преземат чекори за да се елиминира кревкоста на земјата и да формираат култура на помирување, ние ќе им помогнеме во тоа. Ако Египет преземе позитивни чекори, ние ќе му помогнеме. Во моментов имаме можност да се состануваме на ниво на министри. Можеме да се вратиме на старите денови во контекст на нашите односи, но сѐ додека трае ваквата состојба, тоа не може да се случи одеднаш“, рече Чавушоглу.
На крајот, тој говореше и за кризата во Сирија, истакнувајќи дека сѐ уште има иницијативи за да се испорача хуманитарна помош, да се отвори коридор и да се укине опсадата на Сирија.
news_share_descriptionsubscription_contact
