ХАТАЈ (АА) - Турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, соопшти дека операцијата „Пролетен штит“, започната по свирепиот напад во Идлиб кој на 27 февруари го изведоа силите на режимот на Башар Ал Асад врз позициите на турската војска, се спроведува успешно, јавува Агенција Анадолија (AA).
Акар, заедно со началникот на Генералштабот на турската армија, Јашар Ѓулер, командантот на Копнените сили, Умит Дундар, и командантот на Воздухопловните сили, Хасан Кучукакјуз, ноќта ја мина во Центарот за тактичка команда во Хатај, близу границата со Сирија.
Турскиот министер, кој до утрово раководеше со активностите во Идлиб и со операцијата насочена кон позициите на режимот, рече дека одлучно ја водат борбата против секој вид закана и опасност по турскиот народ и границите со мислата „ако умрам, ќе бидам шехид, а ако го преживеам, газија (ветеран)“.
Потсети дека успешно изведените операции „Штитот на Еуфрат“ и „Маслинова гранка“ беа започнати со цел да се спречи формирање на терористички коридор јужно од турската граница и дека успешно се спроведува и операцијата „Извор на мирот“.
„Во Идлиб, поради режимските воздушни и копнени напади започнати на 6 мај 2019 година, а кои континуирано се интензивираа, дојде до голема хуманитарна драма. Поради тоа се случи пораст на радикализацијата и миграциите, загинаа 1.500 цивили, над 5.000 се повредени, додека 1 милион и 335 илјади луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови“, рече Акар.
Додаде дека луѓето кои се принудени да ги напуштат своите домови не се упатиле кон другите подрачја во Сирија, туку кон турската граница.
„Причината е многу јасна. Целта е да се избега од тиранијата на режимот. Сакам најјасно да кажам дека наша историска, човечка и морална одговорност е да го заштитиме правото на живот на нашите сириски браќа, со кои делиме историски и културолошки врски“, рече Акар.
Додаде дека активностите во Идлиб ги спроведуваат со цел воспоставување безбедност на границите, на народот и турските единици, и ставање крај на хуманитарната драма, спречување на миграциите и воспоставување примирје во рамките на договорите од Адана, Астана и Сочи, а во согласност со членот 51 од Повелбата на ОН за правото на државата за самоодбрана.
Акар истакна дека Турција како земја гарант ги има исполнето и продолжува да ги исполнува сите обврски што произлегуваат од договорите.
„Нашата вистинска цел е да воспоставиме траен мир и стабилност. Меѓутоа, никој нека не се сомнева дека на нападите врз нашите единици, набљудувачки точки и позиции, во согласност со легитимното право за самоодбрана, ќе биде најостро и без двоумење одговорено. Во рамките на правото за самоодбрана, наша цел ќе бидат само режимските војници и елементите кои ги напаѓаат нашите единици“, рече Акар.
Додаде дека меѓународната заедница има слична загриженост како и Турција, и потсети на повиците за целосно спроведување на обврските пропишани со Договорот од Сочи.
„Успешно се спроведува операцијата „Пролетен штит“, започната по свирепиот напад извршен на 27 февруари. До денес неутрализирани се едно беспилотно летало, 8 хеликоптери, 103 тенка, 19 оклопни транспортери, 72 топа, хаубици и повеќецевни ракетни фрлачи, 3 воздушни одбранбени системи, 15 противтенковски минофрлачи, 56 оклопни возила, 9 складишта за оружје и 2.212 режимски војници и елементи“, рече турскиот министер.
Додаде дека активностите се спроведуваат според планот.
„Истовремено, во тек се преговорите со Русија. Во оваа фаза, нашите очекувања од Русија се да ги исполни своите обврски како земја гарант, и во тие рамки да ги спречи нападите на режимот и да го искористи влијанието кое го има врз режимот за негово повлекување кон границите согласно Договорот од Сочи. Немаме намера ниту цел да влеземе во судир со Русија. Наша единствена намера е да ставиме крај на масакрите на режимот и да ги спречиме и запреме радикализацијата и миграциите. Но, ако е потребно тоа и јасно да се каже, како земја гарант не го сметаме за прифатлив ставот „не сме одговорни за нападите на режимот“. [Ние], земјите гаранти, со прифаќањето на намалувањето на тензиите, треба да вложиме секакви напори за исполнување на сите услови од Договорот од Сочи“, рече Акар.
Министерот додаде дека целта е да се воспостави примирје, да се спречат миграциите, да се запре крвопролевањето и да се обезбеди мир и стабилност.
„Одлучни сме тоа да го реализираме. Покрај тоа, успешно ја водиме и антитерористичката операција и други активности поврзани со безбедноста на границите и активности во и надвор од земјата. Уште еднаш би сакал да порачам дека крвта на нашите шехиди не е, ниту пак ќе остане неодмаздена“, рече Акар.
news_share_descriptionsubscription_contact
