АНКАРА (АА) - Турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, изјави дека Туркије спроведува прекугранични операции против терористите со право на самоодбрана според соодветниот член на Обединетите нации (ОН), пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Терористичката организација ЈПГ/ПКК ги има на нишан мирот и безбедноста на Туркије. За заштита на нашата земја и граници, го користиме нашето право на самоодбрана што произлегува од член 51 од Повелбата на ОН. Притоа, не доаѓа предвид барање дозвола од некого“, изјави Акар за италијанскиот весник „Ил Месаџеро“.
„Туркије очекува сојузниците да ги прекинат сите врски со терористичките организации и да покажат искрена солидарност и соработка со Анкара во нејзината борба против тероризмот“, рече тој.
„Признаена како терористичка организација од ЕУ, НАТО и САД, ПКК работи под различни имиња за да ја доведе во заблуда меѓународната заедница. Клучната поента е дека ПКК и нејзиниот сириски огранок, ЈПГ, се една иста организација“, нагласи шефот на одбраната.
Туркије долго време ја критикуваше американската поддршка за терористичката организација ПКК и нејзиниот огранок во Сирија, познат како ЈПГ. Додека Вашингтон тврди дека се бори против терористите на ДЕАШ со помош на своите сојузници ЈПГ/ПКК, Анкара вели дека користењето на една терористичка организација за борба против друга нема смисла.
Во својата над 35-годишна терористичка кампања против Туркије, ПКК, која е ставена на листата на терористички организации од страна на Туркије, САД и ЕУ, одговорна е за смртта на над 40.000 луѓе, меѓу кои и жени и деца. ЈПГ е сириски огранок на терористичката ПКК.
Акар изјави дека Туркије е единствената земја која се бори против ДЕАШ на терен. Туркије, исто така, стана една од првите земји што ја прогласи ДЕАШ за терористичка организација во 2013 година.
„Депортиравме 9.500 странски терористи од Туркије и спречивме повеќе од 100.000 да влезат во нашата земја“, рече тој.
- „Активна дипломатија“ за руско-украинската војна
Осврнувајќи се на тековната руско-украинска војна, Акар рече дека Туркије води „активна дипломатија“ од почетокот на војната во февруари.
„Конкретно, се фокусиравме на итен, барем хуманитарен, прекин на огнот и дипломатско решение. Нашата цел е да го продолжиме процесот во Истанбул, каде што двете страни се собраа за прв пат по почетокот на конфликтот“, додаде тој.
„Туркије целосно го поддржува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичкото единство на Украина“, повтори министерот.
Во јули оваа година, Туркије, ОН, Русија и Украина потпишаа договор во Истанбул за обновување на извозот на жито од три украински пристаништа на Црното Море, што беше прекинат по војната. Во Истанбул беше формиран Заеднички координативен центар со официјални претставници од трите земји и ОН за да ја надгледува испораката.
Туркије, која беше меѓународно пофалена за нејзината единствена улога на посредник меѓу Украина и Русија, постојано ги повикуваше Киев и Москва да ја прекинат војната преку преговори.
- Одбранбена соработка Туркије - Италија
Во врска со неодамнешниот подем на Туркије во одбранбената индустрија, Акар рече: „Несомнено, напредните национални одбранбени капацитети, исто така, ја зголемуваат моќта на НАТО. Јасно е дека колку се посилни нашите сили како сојузници, толку посилно ќе биде НАТО колективно.“
„Ова е причината“, рече тој, „поради којашто Туркије придава големо значење на соработката во одбранбената технологија и развојот на производи со своите сојузници, вклучително и Италија.“
„Сепак, за жал, се соочуваме со неправедни ограничувања наметнати од некои од нашите сојузници за соработката во одбранбената индустрија, што негативно влијае не само на Туркије, туку и на Алијансата. Очекуваме сите овие ограничувања да бидат укинати“, додаде турскиот министер.
Во врска со односите со Италија, Акар рече дека билатералната соработка од ден на ден се развива во речиси сите области како што се одбраната, трговијата, образованието и здравството.
„Дефинитивно сакаме да го забрзаме проектот за системот за воздушна одбрана САМП-Т. Покрај тоа, производите на турската одбранбена индустрија тестирани на терен нудат нови можности за билатерална соработка“, додаде Акар.