Diyar Güldoğan
24 Јануари 2023•Ажурирај: 25 Јануари 2023
АНКАРА (АА) - Туркије успеа да ги елиминира речиси сите терористи на ПКК од регионот Зап во северен Ирак, изјави министерот за национална одбрана Хулуси Акар, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Вкупно 506 терористи се неутрализирани откако Туркије минатиот април ја започна операцијата „Канџа-катанец“, прекугранична антитерористичка офанзива“, изјави Акар за новинарите по состанокот на Владата во главниот град Анкара.
„Операцијата „Канџа-катанец“ достигна одредена фаза. Областа Зап е во голема мера исчистена од терористи. Со оваа операција, обезбедена е линија долга 302 километри по должината на границата со Ирак“, изјави Акар.
Според Акар, турските сили уништиле речиси 600 пештери и засолништа на терористите во регионот, заедно со повеќе од 2.000 мини и рачно изработени експлозиви.
„Запленети се околу 1.174 парчиња оружје и 533.275 парчиња муниција“, рече тој.
Акар го потврди почитувањето на Туркије за границите, суверенитетот и територијалниот интегритет на сите соседи, особено на Ирак и Сирија.
„Нашата единствена цел е одбраната и безбедноста на нашата нација. Тоа е она за што работиме и ќе сториме сè што е потребнно.“
Со операцијата „Канџа-катанец”, турските сили ги нападнаа засолништата на терористичката организација ПКК во северните ирачки региони Метина, Зап и Авасин-Басјан, во близина на турската граница.
На оваа операција ѝ претходеа две операции - Канџа-тигар и Канџа-орел, започнати во 2020 година.
Во својата над 35-годишна терористичка кампања против Туркије, ПКК, која од САД, ЕУ и Туркије е ставена на листата на терористички организации, одговорна е за смртта на повеќе од 40.000 луѓе, меѓу кои и жени и деца. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.
- Посета на Лондон
Акар, кој беше во Лондон минатата недела, ги негираше извештаите дека Туркије склучила договор со Велика Британија за купување фрегати од типот 23.
„Засега нема ништо дефинитивно“, рече тој, нагласувајќи дека неговото патување во Велика Британија и разговорите со британскиот секретар за одбрана Бен Валас се дел од редовните билатерални ангажмани.