Турција

Акар: „Одредени политичари во Грција се обидуваат да ги зголемат тензиите“

„За жал, некои политичари, особено во Грција, ги зголемуваат тензиите со своите агресивни постапки и реторика да ги нарушат билатералните односи, наместо да најдат рационални и логични решенија за проблемите“

Sarp Özer  | 08.10.2021 - Обновена : 10.10.2021
Акар: „Одредени политичари во Грција се обидуваат да ги зголемат тензиите“

АНКАРА (АА) - Турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, изјави дека одредени грчки политичари се обидуваат да ги зголемат тензиите меѓу Анкара и Атина, јавува Агенција Анадолија (АА).

„За жал, некои политичари, особено во Грција, ги зголемуваат тензиите со своите агресивни постапки и реторика да ги нарушат билатералните односи, наместо да најдат рационални и логични решенија за проблемите“, изјави Акар за време на церемонијата по повод почетокот на академската година 2021/2022 на Универзитетот за национална одбрана со седиште во Истанбул.

„Изјавите дадени од високи политичари во Грција се ирационални и нелогични“, рече Акар, додавајќи дека тие изјави не се во согласност со меѓународното право и добрососедските односи.

„Тие [одредени грчки политичари] треба да знаат дека ова се залудни напори и дека не можат да ја победат Турција со такви постапки и дискурси“, додаде тој.

Акар ги даде овие забелешки откако грчките пратеници вчера го ратификуваа Договорот за одбрана меѓу Грција и Франција. Договорот, потпишан минатиот месец, наведува дека Грција ќе купи три француски фрегати кои ќе бидат испорачани во 2025 и 2026 година.

Договорот вклучува и безбедносна соработка меѓу двете земји, потег што Грција и Франција го поздравија како чекор кон европската стратешка автономија.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис нагласи еден член во договорот, во кој се наведува посветеност на заемна одбранбена помош во случај на напад на која било област од трета страна.

- Егејското Море и Источниот Медитеран -

Во врска со тензиите во Егејот и Источниот Медитеран, Акар рече: „Сакаме проблемите со Грција да се решат во рамките на меѓународното право, преку изнаоѓање политички решенија преку дијалог како дел од добрососедските односи и народите од двете страни да живеат во безбедност и просперитет преку користа од богатствата во средина на мир и спокојство.“

Осврнувајќи се на неодамнешниот инцидент во кој грчкиот истражувачки брод „Наутик гео“ беше пресретнат додека се обидуваше да го прекрши турскиот континентален гребен, Акар рече дека Грција се обидува да спроведе истражувања нарушувајќи ја поморската јурисдикција на Турција.

„Рековме дека никогаш нема да го дозволиме тоа“, рече тој.

Турската морнарица го направи „она што беше потребно и не дозволи тој брод да влезе во областа“, објасни тој.

Турција, земја со најдолг континентален гребен во Источниот Медитеран, ги отфрли тврдењата за поморските граници на Грчката администрација и на кипарските Грци и истакна дека овие прекумерни тврдења ги кршат суверените права и на Турција и на кипарските Турци.

Турските лидери постојано нагласуваа дека Анкара е за решавање на сите отворени проблеми во регионот преку меѓународното право, добрососедските односи, преку дијалог и преговори.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.