Hüseyin Cem Dağıstanlı
31 Август 2023•Ажурирај: 01 Септември 2023
АНКАРА (АА) - Во турската престолнина Анкара се одржува најголемиот светски фестивал на воздухопловство и технологија ТЕХНОФЕСТ 2023, јавува Анадолу.
ТЕХНОФЕСТ се одржува во организација на 125 институции, меѓу кои се и Турската фондација за технологија (Т3), Министерството за индустрија и технологија, други министерства, бројни компании од јавниот и приватниот сектор и академски установи.
На вториот ден фестивалот го посети турскиот министер за образование, Јусуф Текин, разгледувајќи голем број штандови и информирајќи се за проектите.
Тој истакна дека ТЕХНОФЕСТ веќе е традиционален фестивал во областа на науката и технологијата.
Тимот пилоти на „Турските ѕвезди“ на вториот фестивалски ден изведе воодушевувачки настап.
Показен лет изведоа и беспилотните борбени летала „Бајрактар“, како и тим на турското воздухопловство за Ф-16, „СолоТурк“.
Одделот за специјални операции на турската полиција изведе перформанс со хеликоптер на небото над Анкара.
И оваа година, како и претходните, во рамките на фестивалот се одржува и аеромитинг. На аеромитингот настапуваат националниот аеробатски тим „Турски ѕвезди“, беспилотниот борбен авион Бајрактар ТБ2, Бајрактар ТБ3, борбениот беспилотен авион Бајрактар АКИНЏИ и турскиот воен хеликоптер АТАК.
ТЕХНОФЕСТ во Анкара се одржува на аеродромот „Етимесгут“ од 30 август до 3 септември. На фестивалот учествуваат вкупно 103 институции и 131 компанија од бројни сектори.
ТЕХНОФЕСТ за прв пат се одржа во 2018 година, а глобален комуникациски партнер на фестивалот е Агенција Анадолу.