Enes Duran
20 Ноември 2016•Ажурирај: 21 Ноември 2016
АНКАРА (АА) - Во продолжение на операцијата „Штитот на Еуфрат“ вчера во судирите со терористите на ДЕАШ во северниот дел на Сирија загина еден турски војник, а повредени се девет припадници на сириските опозициски сили, јавува Anadolu Agency (AA).
Офанзивата „Штитот на Еуфрат“ беше започната на 24 август во северниот дел на Сирија, со цел неутрализирање на терористичките закани со акцент на ДЕАШ и јакнење на безбедноста во сириско-турскиот пограничен појас.
Офанзивата ја спроведуваат сириските опозициски сили, во согласност со меѓународното право на самоодбрана, акциите се поддржани од страна на турските сили како и на меѓународната коалиција за борба против ДЕАШ.
Генералштабот на турската војска соопшти дека во последните 24 часа, односно на 89. ден од воената операција, сириската опозиција успеа да им нанесе големи загуби на терористите ДЕАШ и да се пробие во местата околу градот на Ал-Баб, кој се наоѓа 38 километри северно од Алепо.
Во соопштението се наведува дека во последните 24 часа изведени се успешни артилериски напади во кои се уништени десетици упориштата на терористите на ДЕАШ во северна Сирија. Еден турски војник загина во експлозија во регионот Нуман.
Турската артилерија изведе успешни напади на вкупно 79 откриени позиции на ДЕАШ и пет терористички упоришта на ПЈД/ПКК во северниот дел на Сирија.
Во воздушните напади на турските воени авиони се уништени и четири објекти кои ДЕАШ ги користел како база во регионот северно од градот на Ал-Баб.
Од почетокот на офанзивата досега од терористите на ДЕАШ ослободени се 1.720 квадратни километри површина во северниот пограничен појас на Сирија.
Станува збор за над 214 населени места. На ослободеното подрачје деминерите отстранија или уништија илјадници минско-експлозивни направи кои терористите на ДЕАШ ги поставиле за време на повлекувањето од областите кои со месеци ги контролираа.