Sarp Özer
12 Октомври 2017•Ажурирај: 12 Октомври 2017
БАТУМИ (АА) - Министерот за одбрана на Република Турција, Нуретин Џаникли, изјави дека е јасно оти Соединетите Американски Држави (САД) во борбата против терористичката организација ДЕАШ соработуваат со терористите на ПКК/ПЈД и предупреди дека конечната цел на ПКК е американското оружје да го користи против Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Турскиот министер Џаникли, за време на Конференцијата за безбедност и одбрана на Грузија, на којашто присуствуваше и претседателот на Грузија, Гиорги Маргвелашвили и премиерот Гиорги Квирикашвили, потсети дека Турција лице в лице се бори против тероризмот и укажа на терористичката закана од ДЕАШ и од Ал-Нусра.
Тој потсети дека Турција има заедничка граница со Ирак и со Сирија во должина од 1.400 километри и оти во последната година се фатени голем број припадници на ДЕАШ.
Министерот Џаникли додаде дека се приведени повеќе од 9.000 лица, меѓу кои има и странски борци.
Тој истакна дека турските вооружени сили, во согласност со договорот постигнат во Астана, делуваат со цел сирискиот град Идлиб да го ослободат од терористичката организација Ал-Каеда.
Турскиот министер се осврна и на акцијата за ослободување на Ал Баб од терористичката организација ДЕАШ.
Тој укажа на присуството на ДЕАШ, Ал-Каеда, ПКК, но и на ЈПГ, сирискиот огранок на ПКК.
„Нашиот сојузник и пријател САД, во моментов на теренот водат борба против ДЕАШ заедно со терористичката организација ЈПГ. Според нашите информации, САД за борба против ДЕАШ донираа оружје доволно за да се вооружи војска од 40.000 - 50.000 војници. САД тоа го прават поради борбата против ДЕАШ и ние тоа го знаеме, но терористите со кои САД соработуваат како крајна цел имаат напад на Турција. Кога ќе заврши борбата против ДЕАШ, а веќе е при крај, сето тоа оружје ќе биде вперено кон Турција“, рече Џаникли.
Турскиот министер Џаникли додаде дека за сето тоа разговарале со американските пријатели и сојузници и оти се во постојани договори.
„САД сметаат дека тоа не е закана ниту опасност за Турција. Велат дека ќе можат ова оружје да го земат назад, но ние сме многу загрижени, од аспект на безбедноста. Дел од ова оружје е запленето во акциите против терористите во Турција“, рече Џаникли, кој додаде дека ќе продолжи да разговара со пријателот и сојузник САД.
„На одреден начин, ќе го сфатиме ова прашање и (ќе се сфатиме) едни со други, нема да има проблеми околу тоа“, смета Џаникли.
Турскиот министер додаде дека НАТО е вистинска адреса од аспект на светскиот мир и најсилен сојузник.
„Доколку постојат низа проблеми, мораме да разговараме околу тоа. Турција, како членка на НАТО, не е спокојна како во времето на студената војна. Членка сме на НАТО, досега ги исполнивме можностите, ќе продолжиме да работиме. Даваме секаков вид поддршка, верни сме им на сите принципи на НАТО, на сите теоретски филозофии, верни сме им на сите начела, но не сме спокојни, не сме спокојни од аспект на безбедноста. Нашите стравови не се отстрануваат, не се отстрануваат во овој систем. Многу сме загрижени поради толкавото вооружување на терористичката организација ЈПГ, поради можноста да ни се врати, а веќе се враќа“, истакна турскиот министер за одбрана, Џаникли.