Турција

„Турција никогаш во својата историја не извршила и нема да изврши цивилен масакр"

„Сакате ли да видите масакри врз цивили, погледнете го Аракан, погледнете ја Босна, застанете пред огледало“, им порача Ердоган на западните земји

Esin Işık  | 16.10.2019 - Обновена : 17.10.2019
„Турција никогаш во својата историја не извршила и нема да изврши цивилен масакр"

АНКАРА (AA) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, денеска изјави дека оние земји кои го развија ДЕАШ како проект, го поддржувале и го насочувале, денес се претставуваат како најголеми непријатели на ДЕАШ, јавува Anadolu Agency (AA). 

Ердоган се обрати на редовниот состанок на пратениците на Партијата на правдата и развојот (AK Parti) во турскиот Парламент во Анкара, а во таа пригода се осврна и на актуелните случувања. Во фокусот на неговото обраќање беше операцијата „Извор на мирот“ на северот на Сирија, чија цел е со елиминација на терористичките елементи да се обезбеди турската граница и да се спречи воспоставување на терористички коридор.

Нагласи дека Турција чекор по чекор напредува во операцијата „Извор на мирот“ и дека турската војска за осум дена од операцијата од терористите исчистила простор од 1.220 километри квадратни.

Осврнувајќи се на тврдењата на одредени земји дека Турција врши напади врз цивилите на северот на Сирија, Ердоган рече: „Турција во ниту еден период во историјата не извршила и нема да изврши цивилен масакр.“

Истакна дека францускиот претседател Емануел Макрон го потсетил на француските масакри врз цивилите во Руанда и Алжир, и порача дека Турција такво нешто никогаш не правела.

„Сакате ли да видите масакри врз цивили, погледнете го Аракан, погледнете ја Босна, застанете пред огледало“, им порача Ердоган на западните земји.

Осврнуваќи се на борбата против терористичката организација ДЕАШ, Ердоган рече:

„Земјите кои ДЕАШ го развија како проект, финансиски го поддржаа и де факто насочуваа, денес ни се претставуваат како најголеми непријатели на ДЕАШ. Меѓутоа, ние многу добро знаеме кој каква улога има во сево ова.“ 

Турскиот претседател ја критикуваше Арапската лига поради наводите кои ги упати во врска со операцијата која Турција ја спроведува на североистокот на Сирија поради неутрализација на терористичката закана.

„Арапска лиго, колку бегалци вие примивте од Сирија? Вие Сирија ја исфрливте од организацијата и сега се обидувате да спроведете некаков проект на враќање на Сирија за да ѝ наштетите на Турција“, порача Ердоган.

Подвлече дека Турција, во контекст на операцијата „Извор на мирот“ го направи сето она што морала да го направи.

„Да се предадеме, никогаш не била опција за Турција и турскиот народ. Ние го направивме сето она што моравме. Заедно со нашиот народ го кренавме знамето на борбата. На народот кој својата држава ја формирал под паролата „независност или смрт“, ништо друго не му ни доликува“, порача Ердоган.

Турскиот претседател рече и дека доколку терористите го предадат оружјето, ги отстранат поставените мини и се повлечат од подрачјето по длабочина од 35 километри од турската граница, со тоа веднаш престанува спроведувањето на операцијата „Извор на мирот“.

„Не се бориме ние против ниту еден народ во Сирија. Ние со сирискиот народ се бориме против насилниците“, рече Ердоган.

- „Немаме намера да останеме во Мунбич“

Ердоган даде изјава за медиумите по состанокот на парламентарната група на Партијата за правда и развој.

„Немаме намера да останеме во Мунбич. Нашата единствена загриженост е дали Русија или режимот ќе ја отстрани терористичката организација ЈПГ/ПЈД од овој регион“, рече Ердоган, додавајќи дека имаат за цел овие територии да им ги предадат на своите сопственици.

„Не сакам да замислам дека режимот има каков било договор со СДГ“, нагласи турскиот претседател во врска со настаните во Мунбич.

Во врска со неговата посета која се очекува да се реализира наредниот месец во САД, Ердоган истакна дека тоа е едно прашање кое треба да се разгледа по средбите со делегацијата која ќе ја посети Турција.

„Моментално нема некоја негативна состојба во врска со нашето патување во Русија. Најверојатно ќе се реализира тоа“, рече Ердоган.

Турскиот претседател се осврна и на истрагата започната од страна на УЕФА против Фудбалската федерација на Турција за воениот поздрав на турските репрезентативци, и истакна дека не очекува нешто сериозно, освен осудување.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.