Beyza Binnur Dönmez
18 Јануари 2019•Ажурирај: 19 Јануари 2019
АНКАРА (АА) - Гласноговорникот на турското Министерство за надворешни работи, Хами Аксој, денес изјави дека Турција нема да дозволи терористичките провокации да го уништат договорот за зачувување на мирот во Идлиб, јавува Anadolu Agency (AA).
„Процесот на повлекување на САД од Сирија не треба да служи на поделбената агенда на терористичката група ПЈД/ПКК. Не треба да има свршен чин на терен“, изјави Аксој за новинарите во Анкара.
Овие забелешки ги даде по нападот на ДЕАШ што се случи во средата, а во кој загинаа 16 лица, вклучувајќи четворица американски војници.
Турските официјални претставници изјавија дека нападот можеби бил со план да се попречи планот на САД за повлекување од Сирија што Трамп го најави во декември, по телефонскиот разговор со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
По состанокот минатиот септември меѓу Ердоган и Путин, двете страни потпишаа Меморандум за разбирање со кој се повикува на стабилизирање на ситуацијата во зоната без судири во Идлиб.
Во рамките на договорот, опозициските групи во Идлиб ќе останат во областите во кои се веќе присутни, додека Турција и Русија ќе спроведуваат заеднички патроли во областите, со цел спречување на повторни судири.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации на Турција, САД и ЕУ, е одговорна за смртта на речиси 40.000 луѓе, меѓу кои и жени и деца.