Rabia İclal Turan
31 Јули 2019•Ажурирај: 01 Август 2019
АНКАРА (АА) - Шефот на Одделот за миграции при турското Министерство на внатрешни работи, Абдула Аjаз, изјави дека Турција не ги депортира Сиријците, туку дека презема акции против илегалната миграција, јавува Anadolu Agency (AA).
„Не е правно возможно да се донесе одлука за депортирање на Сиријците, поради моменталната ситуација во Сирија“, изјави Абдула Аjаз.
Тој појасни дека тековниот процес на преместување на мигрантите од Истанбул нема никаква поврзаност со депортацијата.
„Има Сиријци кои живеат во Истанбул, иако тие се регистрирани во различни градови“, изјави Ајаз.
„Ние очекуваме да ги вратиме во градовите каде што се регистрирани“, додаде тој.
Тој објасни дека нерегистрираните Сиријци ги преместуваат во камповите.
„Откако нивната регистрација е завршена, тие ќе бидат разместени во различни градови“, рече тој.
Тој додаде дека регистрацијата во Истанбул е прекината поради веќе постоечката голема популација на сириски бегалци во метрополата.
Ајаз нагласи дека тековната акција во Истанбул не е за Сиријците, туку за илегалните мигранти.
„Презедовме акција против 12.000 илегални мигранти во последните 15 дена. Меѓу нив има 4.700 Авганистанци и 3.000 Пакистанци, а останатите се од други различни националности“.
Министерот за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, во неделата соопшти дека не станува збор за депортација на Сиријците, кои се под привремена заштита или имаат дозвола за престој, и на странците кои имаат статус на меѓународна заштита.