Erbil Başay
26 Септември 2018•Ажурирај: 26 Септември 2018
БЕРЛИН (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција ги исполнува сите услови за земја домаќин на Европското фудбалско првенство (ЕУРО) 2024 година, и додаде дека очекува праведна оценка при одлучувањето во Европската фудбалска асоцијација (УЕФА), пренесува Anadolu Agency (AA).
Извршниот комитет на УЕФА ќе заседава утре, на 27 септември, во швајцарскиот град Нион, и ќе донесе конечна одлука за земјата домаќин на Европското првенство кое ќе се игра за шест години.
Кандидати за домаќин на ова Првенство се Турција и Германија, а турскиот претседател Ердоган, во интервју за медиумската куќа „Funke Mediengruppe“ истакна дека со објективна проценка, УЕФА требало да види како речиси во сите големи турски градови се изградени модерни спортски комплекси какви што нема ни во поголемиот дел на Европа.
Истакнувајќи дека гласините за економската ситуација во Турција не се точни, Ердоган изјави дека Турција е динамична кога станува збор за туризам и дека нема причина за грижа за пополнетоста на стадионите и добрите приходи од спонзорите и рекламите.
Тој, исто така изјави дека Турција има 55 аеродроми, брза железница, добри автопати и друга потребна инфраструктура за организирање на голем натпревар.
„Германија во 1974, 1988 и 2006 година беше домаќин на две светски и едно европско првенство. Сметам дека оваа шанса треба да ѝ се даде на земја како Турција, која ги исполнува сите услови и има голем интерес за фудбалот“, изјави Ердоган.
Турскиот претседател Ердоган го коментираше и состанокот и фотографирањето со фудбалерите Месут Озил, Илкај Гундоган и Џенк Тосун во Лондон, по кое германскиот репрезентативец со турски корени Озил се најде како цел на расистички напади поради кои го напушти тимот.
„Нема тука причина за да се кае. Знаете дека Лотар Матеус се состана со Владимир Путин. Фудбалерите треба слободно да се однесуваат во согласност со сопствената волја. Ги жалам пак оние кои тоа го критикуваат“, порача Ердоган.
Потсетувајќи на изјавата на Озил дека е прифаќан како Германец додека победувал, а дека е осудуван како мигрант кога губи, Ердоган изјави дека тоа најдобро ја отсликува дискриминацијата со која фудбалерите се соочуваат во Германија.
„Не ја напушти тој германската репрезентација без причини. Секој би реагирал исто да се најде на удар на такви расистички напади и навреди“, изјави Ердоган.
Нагласувајќи дека во антирасистичката борба мора да се обедини целиот свет, Ердоган изјави дека со Озил се среќавал и претходно, токму како што низ светот се среќавал и со други лица со потекло од Турција.
„Месут живее во Лондон и зошто не би се состанал со него кога веќе бев таму. Зарем би требало да линчуваат некој германски фудбалер од нашата лига ако се фотографира со германската канцеларка Ангела Меркел. Не ја разбирам јас таа логика“, порача Ердоган, и додаде дека Озил и Гундоган можат воедно да се чувствуваат како припадници на земјата во која се родени и земјата од која потекнуваат нивните родители и предци.
На прашањето да ја коментира одлуката на фудбалерите Озил и Гундоган да настапуваат во дресот на националниот тим на Германија, Ердоган изјави дека се гордее со овие играчи.
„Турција е нивна татковина, но тие живеат во Германија и природно е да се трудат за успехот на Германија“, изјави Ердоган.
Ердоган утре ќе допатува во повеќедневна официјална посета на Германија. Изјави дека фудбалот не е меѓу темите кои се планирани за време на средбата со германската канцеларка Меркел. Додаде дека за фудбалот ќе зборува, доколку канцеларката Меркел ги спомне Озил и Гундоган.