Tuba Şahin
08 Јуни 2020•Ажурирај: 09 Јуни 2020
АНКАРА (АА) - Турскиот национален авиопревозник „Туркиш ерлајнс“ (Turkish Airlines) нуди 40 отсто попуст за здравствените работници од целиот свет, кои несебично работат во борбата против пандемијата на Ковид-19, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Секој здравствен работник и три лица што патуваат со него ќе можат да купат билети со овој попуст преку веб-страницата на „Туркиш ерлајнс“ или преку мобилната апликација благодарение на новата кампања, која важи за сите летови и сите видови билети.
„Патниците кои се пријавиле во рамките на кампањата ќе имаат можност да ги користат услугите со попуст од 40 отсто во периодот помеѓу 8 јуни 2020 година до 31 мај 2021 година, доколку билетите бидат купени во периодот меѓу 8 јуни и 1 август“, соопшти компанијата денес.
„Туркиш ерлајнс“ ги продолжи домашните летови минатата недела по двомесечен прекин поради пандемијата, додека со меѓународни летови ќе започне од среда.
Откако за првпат се појави во кинескиот град Вухан изминатиот декември, вирусот Ковид-19 се прошири во речиси 200 земји и региони во светот.
Досега, пандемијата во светот зеде над 403.000 животи, дијагностицирани се повеќе од 7 милиони случаи на вирусот, а оздравеа над 3,14 милиони, покажуваат податоците на американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“.