Büşra Nur Bilgiç
30 Мај 2019•Ажурирај: 31 Мај 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Кабинскиот персонал на „Туркиш ерлајнс“ (Turkish Airlines) го започна проектот „Летајќи кон љубезноста“ за да допре до луѓето во потреба од целиот свет преку добротворната работа, пишува Anadolu Agency (AA).
„Започнувајќи со мал број волонтери, проектот постигна огромен успех со приклучувањето на сѐ поголем број професионалци од авијацијата“, истакна шефицата на кабинскиот персонал, Синем Гулдал.
„Сега имаме 3.000 волонтери не само од нашиот кабински персонал, туку и од различни оддели од целата компанија“, изјави Гулдал за AA.
Taa потенцираше дека се приклучуваат волонтери и од други авионски компании.
Гулдал рече дека целта на програмата била да се допре до области кои другите ги сметаат за недостапни.
„Ние можеме, на пример, да посетиме училиште во центарот на градот Ентеббе [Уганда] кое ни е попатно, но тоа не е начинот на којшто работиме. Одиме на места 3-4 километри или на 3-4 часа оддалеченост од градот, до места каде што другите не се осмелуваат да ризикуваат да одат“, вели таа.
„Кога им донесовме играчки и фудбалски топки на децата, видовме дека не знаат како да играат со нив. Кога го увидовме тоа, им покажавме“, рече таа, додавајќи дека од изразот на детските лица виделе и дека тие никогаш претходно не вкусиле бонбони или пак чоколадо.
„Секое дете заслужува да го знае вкусот на чоколадото, секое дете заслужува да го знае задоволството од играњето фудбал“, додаде Гулдал.
Како што објасни, проектот се фокусира повеќе на населението во потреба, во близина на Турција.
„Луѓето ги кажуваат своите потреби на нашите волонтери. Нашиот главен приоритет е подобрување на физичките услови за образование на децата. Но ние се обидуваме да им помогнеме на сите, обезбедувајќи инвалидски колички, зимска облека и пакети со храна“, рече таа.
„Летајќи на многу места низ целиот свет, како и нашата компанија, сакаме да допреме до срцата на што е можно повеќе луѓе“, нагласи Гулдал.