ИСТАНБУЛ (АА) - Министерот за енергетика и природни ресурси на Турција, Фатих Донмез, истакна дека третиот брод за сондажа на Турција е купен од Велика Британија и дека за неколку недели ќе пристигне во Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот Донмез, на специјалната седница на 3. Самит за енергетика и природни ресурси на Турција одговараше на прашањата што се наоѓаат на дневната агенда.
Истакнувајќи дека Турција во Источниот Медитеран продолжува со активностите за истражување јаглеводороди со 2 брода за сеизмички истражувања и 2 брода за сондажа, Донмез рече дека со Меморандумот за разбирање со Либија појасни се надлежностите во Источниот Медитеран.
Донмез, нагласувајќи дека договорот со Либија е во согласност со меѓународните поморски закони, истакна дека Турција ќе продолжи да работи со несмалено темпо во Источниот Медитеран.
„Во овој контекст, Турција го купи третиот брод за сондажа“, рече Донмез и додаде: „Третиот брод за сондажа го купуваме од Британија. За неколку дена бродот ќе отплови и можам да кажам дека за неколку недели ќе пристигне во Турција. Сè уште не се знае името на бродот. Ќе сакаме името на бродот да го стави нашиот претседател. Веројатноста дека бродот ќе работи во Медитеранот е голема, но можно е да се испрати и во Црното Море, каде што долго време престанавме да работиме. Покрај тоа, добиваме барања за техничка услуга од пријателските и братските земји. Може и тие барање да ги вреднуваме.“
- „ТАНАП и Турски тек се важни за енергетската сигурност на Турција“
Донмез, наведувајќи дека Јужнокавкаскиот гасовод и Трансанадолискиот гасовод (ТАНАП), како и „Турски тек“ се значајни проекти за енергетската сигурност на Турција, рече: „Овие два проекта ќе придонесат за нашата национална безбедност во снабдувањето со енергија.“
Истакнувајќи дека капацитетот на складирањето природен гас на Турција постепено се зголемува, Донмез рече дека ќе завршат работите за проширување на објектите за складирање на природен гас во Соленото Езеро (Туз Ѓолу) и Силиври и таму ќе може да се складираат 10 милијарди кубни метри природен гас, што претставува 20 проценти од потрошувачката на гас во Турција.
- Пилот-фабрика за литиум
Потсетувајќи дека 70 отсто од светските резерви на бор се наоѓаат во Турција, Донмез рече дека на светскиот пазар на бор учествуваат со околу 60 проценти.
„Има брз развој во технологијата за батерии. Батеријата е најкритичната точка во електричниот автомобил. Батеријата не треба да придонесе да се зголеми тежината на автомобилот и треба да има мал волумен. Исто така, количината на зачуваната енергија треба да биде голема. Тука на агендата се литиумските батерии. Кина постигна голем напредок во областа на литиумските батерии. Има некои прелиминарни откритија поврзани со литиумот кои нè радуваат. Во борот има малку литиум. Можеме да изградиме пилот производствен погон кој ќе обезбеди рециклирање на литиум во производството на бор“, нагласи Донмез.