Murat Ünlü
13 Јануари 2017•Ажурирај: 13 Јануари 2017
ЖЕНЕВА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, вчера изјави дека на 18 јануари ќе одржи состанок на експерти кои ќе дискутираат за техничките прашања на преговорите за кипарското прашање, јавува Anadolu Agency (AA).
На новинарите во Женева, каде што се водат преговорите, Чавушоглу им кажа дека по состанокот со експертите ќе биде организиран и состанок на министерско ниво.
Од друга страна, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, на паузата на денешната конференција за прашањето на Кипар изјави дека целта е наместо брзо, за Кипар да се пронајде долгорочно и одржливо решение.
Тој порача дека е неопходно да се направат чекори кога е во прашање темата „безбедност и гаранција“.
На историската конференција присуствуваат Мустафа Акинџи, претседателот на Република Северен Кипар, Никос Анастасијадис, лидерот на Јужен Кипар, и во име на земјите-гаранти, турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу и неговите колеги од Грција, Никос Коцијас и од Велика Британија, Борис Џонсон.
Претставници од Европската Унија (ЕУ), која на конференцијата има статус на специјален набљудувач, се претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер и високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини.
Главна тема на конференцијата е една од шесте основни точки на кипарското прашање, „безбедност и гаранција“.
Меѓународната конференција може да има клучна улога во одредувањето на судбината на островот чии лидери се состануваат веќе третпат во три месеци, во Швајцарија.
Кипарското прашање се состои од шест основни точки: економија, Европска Унија (ЕУ), имот, поделба на надлежноста и администрација, територијална поделба и безбедност и гаранција.