ИЗМИР (АА) - Во својата прва година, бродот на Светскиот фонд за животински свет (WWF), „Сина Панда“ (Blue Panda), застанува на клучните пристаништа во Средоземното Море со надеж да ја собере „плимата“ од пластика што го гуши природното опкружување.
По Амстердам и францускиот град Ница, Измир на турскиот егејски брег беше еден од првите градови што потпиша договор да биде дел од иницијативата на Светскиот фонд за животински свет за паметни градови во однос на справување со пластиката, кој има за цел да ги мотивира градовите низ целиот свет да постават свои цели за спречување на протокот на пластичен отпад во природата до 2030 година, преку регулирање на законите за рестораните, деловните објекти и граѓаните.
Тимот на „Сината панда“ за Аnadolu Agency (AA) изјави дека нивна цел е да склучат договори со локалните власти и се надеваат дека ќе додадат нови градови во нивната мрежа на паметни градови во однос на пластиката.
Според податоците на Светскиот фонд за животински свет, регионот на Медитеранот е четврти производител на продукти од пластика, а жителите и посетителите во тоа подрачје создаваат 24 милиони тони пластичен отпад годишно.
Чарлс Деклерс, капетанот на бродот „Сина панда“, рече дека при неговите патувања видел загадување со пластичен отпад во големи количини.

„Пловејќи од град до град, видовме големо загадување помеѓу Сицилија и Италија, а имаше големо загадување и меѓу Сицилија и Грција“.
„Кога стигнавме до Мраморното Море, особено Босфорот беше многу загаден со пластика“, рече тој.
Деклерс истакна дека дури и најубавите води имаат „лузни“ од загадувањето со пластичен отпад.
„Се закотвивме во заливот Санта Манза [во близина на францускиот остров Корзика] за да нуркаме“, раскажува тој.
„Водата е прекрасна таму. Но, кога ја ставив маската, беше ужасно. Имаше милиони парчиња микропластика кои лебдеа наоколу“.
Податоците на Фондот покажуваат дека 0,57 милиони тони пластика се фрлаат во Медитеранот секоја година, што е еквивалентно на фрлање 33.800 пластични шишиња во водата секоја минута.
Според Светскиот фонд, речиси половина од вкупната количина отпад во регионот се должи на Египет, а потоа следуваат Турција, Италија, Алжир и Мароко.
- Морскиот свет страда од загадувањето со пластичен отпад -
Деклерс вели дека за време на нивното патување виделе огромна штета како резултат на загадувањето, додавајќи дека штетата што пластиката ја прави на морскиот животински свет не е преувеличена.
Јаз Гувенди, портпаролот на „Сината панда“, истакна дека Светскиот фонд за животински свет проучувал 178 китови за време на едномесечна студија во рамките на која извршиле биопсија на 45 кита, со цел да го проверат нивото на загадување со пластика.
Пред „Синaтa панда“ да започне со патувањето, екипажот направи истражување во Засолништето „Пелагос“, заштитена морска област помеѓу Италија и Франција во Средоземното Море, кое е дом на неколку видови китови, вклучително и китот кашалот, перкастиот кит и пилот китови.
„Кога бевме нa мисија во Пелагос, научниците правеа биопсија на китовите“.
„Тие имаат доказ дека пластиката е всушност во салото на китовите; пластиката се стврднува во кожата на китовите и оди директно во маснотиите, не само во стомакот“, рече Деклерс.
Податоците покажуваат дека глобално, над 700 морски видови, вклучително и морски цицачи и птици, се во контакт со пластиката преку голтање, заплеткување или деградација на нивните живеалишта.
- „Пластиката за една употреба треба да се избегнува“ -
Гувенди рече дека „Сината панда“ направила многу за да ги натера властите да преземат акција и додаде дека градоначалниците на градовите долж местата што ги посетиле ја поздравиле групата и се приклучиле кон нивната борба против употребата на пластика.
Но, и покрај доблеста за чистење на пластичниот отпад, Деклерс вели дека треба да се преземат акции во самиот извор, преку запирање на производството на пластика за еднократна употреба.
„Постојат многу невладини организации кои ги чистат плажите, но Светскиот фонд за животинскиот свет смета дека е подобро да се дејствува на почетокот, затоа тие работат со владите, сопствениците на ресторани и деловните објекти во градовите“, рече тој.
Земјите од Медитеранот прават одредени позитивни чекори кон забрана на пластиката за еднократна употреба, како што неодамна беше назначено со директивата во врска со пластиката за еднократна употреба на Европската Унија.
„Доаѓањето во Измир не беше планирано“, рече Гувенди.
„Планиравме да останеме во Истанбул, а потоа да заминеме во Каш [Анталија, турски медитерански брег], што е заштитена морска област каде што Светскиот фонд за животински свет - Турција работеше повеќе од 15 години. Но, Општина Измир сакаше да дојдеме, и сега бродот е отворен за посетители“.
„Во Каш, исто така, ќе имаме состанок со градоначалникот и ќе го започнеме нашиот нов извештај за морскиот мониторинг на Светскиот фонд за животински свет, што започна минатата година“.
„Овој мониторинг беше извршен и пред пет години, и ќе покаже како заштитеното морско подрачје на Каш влијаело врз средината и колку други видови се населиле“, додаде Гувенди.
Следењето на морскиот живот во Каш беше направено пред пет години, и затоа станува збор за заштитено морско подрачје, а оваа година, мониторингот беше направен повторно со цел да се спореди со претходниот.
По Турција, „Сината панда“ со тимот ќе отпатува за северноафриканските земји Тунис и Мароко, а своето патување ќе го заврши во Франција во ноември.
Светскиот фонд за животински свет (WWF) апелира до владите, индустриите и до јавноста да преземат одговорност и заеднички да градат ефикасен модел на кружна економија, каде што ќе се избегне употребата на непотребната пластика и каде што ниту еден пластичен производ нема да стане отпад.
news_share_descriptionsubscription_contact
