Dejan Maksimoviç
02 Август 2016•Ажурирај: 03 Август 2016
БАРСЕЛОНА (АА) - Чави Ернандез (36), некогашната голема ѕвезда на Барселона, освен своите фудбалски, ги потврди и своите човечки квалитети. Тој ја донираше својата јахта во добротворни цели, со цел да им помогне на бегалците кои патуваат преку Медитеранот, јавува Anadolu Agency (AA).
Чави, кој сега игра за катарскиот Ал Сад, го предаде својот брод на невладината добротворна организација "Proactiva Open Arms" (POA). Јахтата ќе оди на аукција со цел да се соберат средства за помош на организацијата да го продолжи својот труд за спасување на бегалците од Медитеранот. Добротворната организација е од Барселона и дејствува долж грчкиот брег на островот Лезбос, покривајќи 17 километри копно и море. На тој начин се обидува да им помогне на сите оние кои своето засолниште го бараат со преминување на Средоземното Море.
„Фудбалерот Чави Ернандез ја започна својата соработка со "Proactiva Open Arms" со донација на јахтата, која наскоро ќе оди на аукција. Тој неодамна се вклучи во нашата работа да ја донира својата јахта со цел да се соберат повеќе средства за продолжување на нашата мисија. Ти благодариме Чави, овој твој гест ќе спаси многу животи”, порачаа од организацијата преку социјалните мрежи.
Чави од своето деби за Барса 1998 година до заминувањето во 2015 година, одигра 767 натпревари и постигна 85 голови. Со Барселона освои осум титули на шампионатот на Шпанија и четири на шампионатот на Европа. Со репрезентацијата на Шпанија, за која одигра 133 натпревари и постигна 13 голови, тој беше светски шампион за 2010 година, а европски во 2008 и 2012 година.