Fatih Erel
07 Јуни 2016•Ажурирај: 08 Јуни 2016
ЖЕНЕВА (АА) - Меѓународната организација за миграции (ИОМ) денес соопшти дека оваа година преку Медитеранот во Европа стигнале околу 200.000 луѓе, а дека при преминувањето животот го загубиле околу 3.000 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
„Досега, годинава, загинаа 2.809 лица во споредба со 1.838 настрадани во првите шест месеци на 2015 година”, изјави Џоел Милман, портпаролот на ИОМ.
Според податоците на ИОМ, 376 бегалци загинале во Егејското Море помеѓу Турција и Грција, а 2.427 бегалци настрадале во обид да стигнат до Италија од северна Африка, најчесто од Либија.
Оваа година во Европа пристигнаа 206.400 бегалци, од нив 156.782 дојдоа од Турција во Грција, а 48.527 пристигнаа во Италија, истакнуваат од ИОМ.
По договорот на Европската унија и Турција за бегалците од март оваа година, африканските бегалци воглавно се префрлуваат на италијанската рута, која е најсмртоносната рута во Медитеранот.
Договорот помеѓу ЕУ и Турија има за цел да ги обесхрабри илегалните миграции преку Егејското Море воведувајќи построги мерки против криумчарењето луѓе и подобрување на условите за живот на сириските бегалци во Турција.