Ekip
17 Октомври 2018•Ажурирај: 18 Октомври 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, истакна дека случајот со исчезнувањето на саудискиот новинар Џамал Кашоги, не е само случај што го следи целиот свет, туку во исто време е и испит за нивниот правен систем, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ова можеме да го апострофираме како „случај на 2 октомври“. Ова не е прашање што нè заинтересира само нас“, рече Сојлу кој беше гостин на уредничкиот деск на АА.
Сојлу нагласи дека случајот го водат и ќе продолжат да го водат во рамките на законот, транспарентно и отворено пред светската јавност.
„Од првите моменти, Турција на добар начин покажа две работи: законските обврски и ладнокрвноста. Ги почитуваше меѓународните договори, истовремено направи отворени и транспарентни чекори“, додаде тој.
Потсетувајќи на одлуката на надлежното обвинителство што ја води истрагата, за вршење испитување во Резиденцијата на главниот конзул, Сојлу истакна дека според меѓународните договори, ова може да се случи со одобрение на надлежната земја.
„Постои прифаќање, но за да се направи чекор за започнување, потребен е заеднички консензус. Се чека овој заеднички консензус. Можеби немаше да има дискусии ако порано имаше дозвола за тоа. Овој чекор може да се реализира од моментот кога ќе се постигне заеднички консензус“, нагласи Сојлу.
- „Секој нека ги чека резултатите на истрагата“
Според него, преку одобрение на Саудиска Арабија може позитивно да се одговори на барањето на обвинителството.
Тој додаде дека од моментот кога другата страна ќе даде одобрение, ќе се направат чекори за вршење истрага во Резиденцијата. Сојлу подвлече дека случајот со исчезнувањето на Кашоги не е само случај што го следи светот, туку истовремено е и испит за турското правосудство.
„Секој нека ги чека резултатите на истрагата“, рече Сојлу, додавајќи дека внимателно ќе се откријат резултатите на истрагата.