Турција

„САД не ги исполнија ветувањата поради нивните ангажирања со ЈПГ/ПКК"

„Зошто имавме потреба за тоа предупредување? Затоа што, за жал, САД не ги исполнија ветувањата поради нивните ангажирања со ЈПГ/ПКК, вклучувајќи ја и мапата на патот во Мунбич која ја одолговлекуваа“, рече Чавушоглу

Zuhal Demirci, Ahmet Furkan Mercan, Tevfik Durul  | 10.09.2019 - Обновена : 10.09.2019
„САД не ги исполнија ветувањата поради нивните ангажирања со ЈПГ/ПКК"

АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, за потезите на САД на источниот дел на Еуфрат истакна дека она за што велат дека е направено, се козметички потези, јавува Anadolu Agency (AA).

Чавушоглу одржа билатерална и меѓуделегациска средба во Анкара со министерот за надворешни работи на Црна Гора, Срѓан Дармановиќ, по која следуваше заедничка прес-конференција на двајцата министри.

Шефот на турската дипломатија во врска со заедничката патрола на Турција и САД рече дека во периодот кога започнале преговорите со САД за безбедносната зона, бил направен првиот чекор во насока на формирање заеднички оперативен центар, и дека според него, ова е добар почеток.

Чавушоглу истакна дека на САД јасно им ги објасниле предупредувањата во оваа насока.

„Зошто имавме потреба за тоа предупредување? Затоа што, за жал, САД не ги исполнија ветувањата поради нивните ангажирања со ЈПГ/ПКК, вклучувајќи ја и мапата на патот во Мунбич која ја одолговлекуваа“, додаде тој.

Турскиот министер рече дека овие предупредувања ги направиле со цел да не се случи втор сличен случај со Мунбич, и дека претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, денес покажува колку Турција е во право во насока на овие предупредувања.

„Да, моментално има некои заднички патроли, но покрај тоа, она за што велат дека е направено, се козметички потези“, нагласи Чавушоглу, и додаде:

„Оваа слика што ја гледаме, всушност е слика за пример која ја покажува состојбата во која се наоѓа една земја која вели дека е пионер во борбата против тероризмот. Се мисли за таканаречен сојузник кој не може да дејствува независно од една терористичка организација.“

Чавушоглу истакна дека САД од една страна ги прави овие козметички чекори со Турција, а од друга страна ја зајакнува ангажираноста и поддршката за терористичките организации.

Тој вели дека отстранувањето на оваа терористичка организација од овој регион од страна на Турција, е прашање на национална безбедност за Турција.

„Не е можно да толерираме во оваа насока. Доколку денес се врши толеранција, тоа утре ќе нѐ доведе да се соочиме со посериозни и поголеми опасности. Како што истакна и нашиот Претседател - доколку не се постигне некое решение од овие преговори и од оваа соработка, ние ги извршивме сите подготовки и ќе влеземе во регионот. Како што во Африн и подрачјата во рамки на операцијата „Штитот на Еуфрат“ ги исчистивме ДЕАШ и ЈПГ/ПКК, исто така ќе го исчистиме и овој регион. Безбедносна зона ќе се формира, а од друга страна ќе се постигне стабилност“, додаде Чавушоглу.

Осврнувајќи се на кипарското прашање, шефот на турската дипломатија рече дека Турција не отфрлува ниту една опција, и дека и претходно истакнала дека треба да се разгледаат и другите опции.

Чавушоглу истакна дека треба да се оди на преговори кои се фокусирани на решение, и дека документот за рамката на преговорите треба да биде јасен.

„Постојат црвени линии кои се чувствителни и неопходни за нас и за кипарските Турци. Најважниот елемент во ова е политичка еднаквост, ефективно учество и ротирачко претседавање. Тие треба да се определат претходно и да бидат исклучени од дискусиите“, рече Чавушоглу.

Турскиот министер нагласи дека неговата земја секогаш поддржува решение.

„Идните преговори треба да бидат фокусирани на резултати и да имаат јасна рамка, бидејќи ние како Турција и кипарска страна не можеме да претрпиме уште еден неуспех. Сметаме дека нема смисла да се започнат преговорите само колку да се каже дека се започнати“, нагласи шефот на турската дипломатија, Чавушоглу.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.