Rabia İclal Turan
20 Октомври 2021•Ажурирај: 21 Октомври 2021
АБУЏА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека Турција продолжува да ги споделува неопходните информации за нелегалните активности на терористичката организација ФЕТО во Нигерија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на заедничката прес-конференција со неговиот нигериски колега Мухамед Бухари во нигерискиот главен град Абуџа, Ердоган изјави: „Ја зајакнуваме нашата соработка во воената одбрана и безбедносните прашања со Нигерија, која се бори против терористичките организации, вооружените банди и пиратството“.
„Следната година, Турција и Нигерија ќе ја прослават 60-годишнината од дипломатските односи“, рече Ердоган, потсетувајќи дека Нигерија била домаќин на една од најстарите мисии на Турција на африканскиот континент.
Тој истакна дека Турција е решена да ја продолжи соработката со Нигерија на секое поле.
Нигерискиот претседател Бухари, од своја страна, рече дека имале многу корисни разговори за неколку билатерални прашања и постигнале низа договори.
Турција и Нигерија потпишаа вкупно седум договори за време на посетата на Ердоган на оваа африканска земја.
Потпишан е договор за „Избегнување на двојно оданочување и затајување данок“, договори во областа на рударството, јаглеводородите, енергетиката и одбрана, како и договори за соработка на младите и министерствата за надворешни работи на двете земји.