Hasan Esen
10 Мај 2017•Ажурирај: 11 Мај 2017
БРИСЕЛ (АА) - Министерот за Европска Унија (ЕУ) и главен преговарач на Турција со Унијата, Омер Челик, во врска со критиките на сметка на Турција, кога е во прашање независноста на медиумите и правосудството, ја повика ЕУ да се отворат поглавјата 23. и 24. од преговорите и заедно да се разговара за тие теми, јавува Anadolu Agency (AA).
Челик денес во Брисел се состана со високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, и со комесарот за проширување и соседска политика на ЕУ, Јоханес Хан, а потоа одржа прес-конференција.
Во таа пригода, тој истакна дека за време на денешните состаноци се разговарало за перспективата на Турција кон полното членство во ЕУ, мигрантите, борбата против теороризмот и за економијата, и е укажано на важноста за јакнење на односите на двете страни кога се во прашање наведените теми.
Челик, исто така, истакна дека Турција ги продолжува разговорите со европските официјални лица во контекст на она што Турција ќе го прави во наредниот период.
„Планирано е во рамките на Самитот на НАТО во Брисел, да се одржи состанок на претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, со претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер и претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск. По тој состанок, размислуваме и за организирање на еден билатерален самит“, изјави Челик.
Тој се осврна и на неодамнешниот референдум за уставни промени одржан во Турција, нагласувајќи дека тој претставува сила на турската демократија. Челик нагласи дека по состанокот имал можност да појасни и одредени нејасни работи во врска со референдумот.
„Донесувањето на одлуката за тоа на кој начин и со кој систем ќе биде водена Република Турција е суверено право на оваа земја. Секако, тука треба да се придржуваме до демократските критериуми, што и е направено“, изјави Челик.
Тој потсети дека Турција е цел на голем број критики кога е во прашање независноста на медиумите и судството во оваа земја, на што рече:
„Поглавјата коишто се однесуваат на овие теми се 23. (Правосудство и основни човекови права) и 24. (Правда, слобода и безбедност). Ајде да ги отвориме тие поглавја, и заедно да разговараме за тие теми. Разговорот со Могерини беше многу плодоносен и конструктивен“, изјави Челик.